Од Синдеј специјално за Публицитет.мк: Иван Трпоски
Минатиот понеделник, 12 октомври, во просториите на сиднејската Опера (Sydney Opera House) се одржа Гала церемонија при што беа доделени наградите за Australian Multicultural Marketing Awards за 2015 година. Овие престижни награди се доделуваат под организација и покровителство на владата на Нов Јужен Велс и установата Multicultural NSW (поранешната Комисија за етнички работи) и на министерот за Мултикултурализам Hon. John Ajaka MLC.
За наградите во осумте категории беа пристигнати стотици номинации од цела Австралија за проекти работени од владини и невладини институции, организации, клубови и бизниси. Во категоријата за Уметност и Култура оваа престижна награда ја доби Австралиско – македонскиот театар од Сиднеј за претставата „Ограда“ (The Fence) од Душан Ристевски.
Од лево на десно: Мохамед, Васко, Душан, министерот Џон Аџака и Џоумана во Опера Хаус на 12.10.2015 год.
Оваа автентична претстава е работена на англиски јазик како дел од проектот „Живеење во хармонија“ и беше прикажана во Сиднеј и Волонгонг и забележа голем успех. Режисер е Стефо Нанцу, а главните улоги ги толкуваа Стефо Нанцу и Васко Србиновски, театарот покрај македонски актери, ангажираше актери и од другите националности од Либан, Јордан, Виетнам и еден Абориџанец.
Убаво е да се забележи дека овие престижни награди се доделуваат веќе 26 години и ова е прва македонска организација што има добиено ваква награда.
Годинава, Театарот беше награден со Повелба од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов за промоција на македонската култура и нација.
Инаку АМТ од Сиднеј на сцена има поставено осум драмски дела, a за идната година планира да ги постави драмите „Куферот“ и „Баба се мажи“.
За кон крајот на ноември од таму најавуваат и премиерна изведба на монодрама за Методија Андонов – Ченто.
Честитки до членовите на Театарот кои успешно успеваат да ја промовираат македонската култура и нација во Австралија.
Публицитет.мк