Министерот за култура Хусни Исмаили во рамки на својата работна посета на Истанбул, Р. Тутција го посети македонскиот штанд на 38. Меѓународен саем на книгата, каде во организација на годинашниот комесар-Здружението на албански издавачи од Скопје, се одржа промоција на литература од турски автори преведена од издавачи од нашата земја.
На промоцијата пред присутните се обрати и министерот за култура кој истакна дека Министерството за култура на Република Северна Македонија, во рамките на Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата, веќе неколку години го поддржува учеството на овој значаен меѓународен настан.
„Претставувањето на сево ова книжевно богатство на Саемот на книгата во Истанбул е исклучителна можност за афирмација на творештвото на нашата земја, а истовремено и можност пред турската и светската јавност да ги претставиме сопствените литературни и културни потенцијали и достигнувања“, подвлече министерот Исмаили.
Претходно министерот Исмаили присуствуваше и на претставувањето на творештвото на младите македонски автори Славица Гаџова-Свидерска, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска и Михајло Свидерски пред турската читателска публика. Настанот, во организација на Културно-информативниот центар во Истанбул, беше во рамките на проектот „Претставување на македонски автори во Истанбул“ во организација на издавачката куќа „Восток“.
На Меѓународниот саем на книгата во Истанбул кој е е еден од водечките светски саеми за книга со над милион посетители, нашата земја е претставена со значајни книжевни изданија од албанските и од македонските издавачки куќи.
Извор: Министерство за култура