Во МАНУ е поставена и отворена изложбата „Портретите на св. Климент Охридски во ликовната уметност на Македонија и на соседните земји“ (избор на акад. Цветан Грозданов).
На изложбата се презентирани 18 копии на портрети на св. Климент Охридски настанати од 11 до 18 век. Доминира портретот од црквата „Света Софија“ во Охрид од 1045, а изложбата завршува со копија на фреската Св. Седмочисленици од манастирот „Св. Наум“ од 1806 година. Меѓу изложените се и портрети на св. Климент Охридски од Краљева црква, од манастирот „Студеница“, од црквата „Св. Богородица“ од Грачаница, од Марковиот манастир, од манастирот „Свети Никола Топлички“ и др.
Збирката од копии на портрети во Македонската академија на науките и уметностите МАНУ се создавала во периодот од 1965-1966 година, а сега за првпат ги презентира како голема целина во рамки на одбележувањето на 1100-годишнината од упокојувањето на свети Климент Охридски.
Изложбата ја отвори академик Цветан Грозданов кој е автор на текстот на двојазичниот македонско-англиски каталог, а говореше и претседателот на академијата Таки Фити.
Публицитет.мк