
Марина Димовска е дипломиран филолог по македонска книжевност и јужнословенски книжевности со општа и компаративна книжевност од Охрид . Таа е сопственичка на јутјуб каналот РАСКАЖУВАЧКА и веб порталот Охрид магазин.
Димовска е автор на многу куси раскази кои ги споделува преку социјалните мрежи и ја замоливме за Публицитет.мк да ни отстапи од нив за во неколку продолженија да ги објавиме поради искреноста и топлината која ја создаваат додека ги читате и се препознавате во опишаните ситуации и просто ги восприемате и чекате и жалите зошто расказите се куси. Марина признава дека расказите се многу интимни, сите се во прво лице и вели дека е охрабрена наскоро расказите да се најдат во една книга.
Денеска, објавуваме уште четири нејзини раскази.

Марина Димовска
***
Облеката на баба ми секогаш мирисаше на свежо чистени оревчиња. И на шеќерчиња од оние белите кои многу ме потсетуваа на кредите во училиште со кои ми беше голем мерак да пишувам. Често го чувствував мирисот и на црвени зрели јаболчиња, на мрсен преснец со сирење, на компот од зрели дуњи. Извираше од неа мирис кој потсетува на нејзината скромна трпеза покрај стариот шпорет на дрва кој беше навистина практичен и многу добро искористен. Не само за топлење, туку и за создавање од ништо нешто во кујната на баба ми.
Во нејзините џебови секогаш се криеше по некое мало слатко богатство, и често се прашував како таа може да одолее и да ги зачува слатките тајни за прилика кога сака да награди некое од своите внуци. Најчесто носеше една сива тенка блуза, и кафеав плетен елек над неа, или пак, доколку одеше да пазарува облекуваше тенка бордо блузичка и волнен џемпер во тегет боја. На главата секогаш носеше шамија, за дома плетена мека кафена, а за излегување имаше две-три други кои напоредно ги менуваше зависно од причината за излегување. Тие беа во повеќе бои, но толку складни и убави, што независно од остатокот на нејзината гардероба, се вклопуваа речиси во секоја комбинација. До нејзината длабока старост, таа не стави на себе црна шамија. Не сакаше да ги гледаме на виделина црнилата кои и ја имаа запоседнато душата уште од нејзините детски денови. Растела од едно село во друго, мигрирајќи со нејзината мајка, во потрага по било каква работа, за да можат да се прехранат и преживеат. Толку многу се преселувале и бореле низ голиот живот, што таа дури заборавила и кое и е родното село. Но не се откажувала, иако од своја 8 годишна возраст слугувала во куќи на богати доктори, учители и други интелектуалци. Нешто што мислев дека постои само во “Автобиографијата” на Прличев. И се низ што поминала раскажуваше како да е една убава, секојдневна приказна со среќен крај. И така и ја доживував. Така ја знаев. Така ја паметам. Зашто покрај се, таа доживеа длабока старост и спокојно, веројанто задоволна од се она што го постигнала тука, тивко, во сон го напушти овоземниот живот. ***

*** Квечерина. Негде околу 20 часот. Со син ми се враќаме од кратката прошетка, а денот одамна веќе замина. Во доцните декемвриски денови рано се стемнува, иако зимата и оваа година е блага, релативно топла, и барем до сега, без врнежи. Колку што се сеќавам, предвидувањата беа за сосема студена, снежна зима, далеку од ова што е. Но, како и да е, има уште шанси за да се докажат. Обично, во најдолгиот месец – јануари се случуваат обилните врнежи, студот цврсто стега, и тогаш зимата гризе со сите свои сили. Јас, сепак, го сакам јануари. Уживам во неговата празничност и временска непредвидливост. И во убавите изненадувања. Во празничната музика и подароците. Син ми.
Уште неколку денови до Новата Година. Не секаде се чувствува празничното треперење на убавата енергија, и ширењето радост. Но сепак, и во овие услови, има луѓе кои во тоа се сосема успешни. Прошетките со син ми се интересни лаички разговори за архитектурата на градските куќи, за убаво подредените дворови, но и за оние напуштените, обраснати со треви и трње, за старите и пропаднати градби, за животот на некои луѓе, за кои, гледајќи ги, ние самите создаваме приказни, кои секогаш имаат среќен крај.
И вечерва многу раскажуваме. Создаваме приказни, создаваме игри и гласно се смееме. Пред нас неколку куќи во новогодишно руво. Со многу сијалички на балконите, со диско-светилки, фигури, елки кои трепкаат на малите прозорци, санки и елени во дворовите осветлени во шарени бои. – Погледни, мамо, на оној балкон сијаличките играат оро – вели син ми, покажувајќи ми како ритмички се вклучуваа и исклучуваа цел ред сијалички на балконот од десната страна на улицата. – Навистина, му велам, играат оро. И тоа знаеш кое? Пајдушко! –Хаха кое е тоа оро? Ме прашува. – Ќе го научиш, ќе ти покажам дома, ама оној ритам на сијаличките потсетува на пајдушко. – Ахм, погледни, мамо, и во другата куќа играат пајдушко, ама побавно – вели. – А, не.. она е правото, му велам на шега. – Какво е тоа? – Паа, како беше, три чекори напред, еден назад. –Хаха- од срце се смее син ми. Тогаш, гледај, во онаа куќа сијаличките играат диско – продолжува тој. – Да, велам, гледаш, секоја куќа има своја музика. Но, знаеш што е најважно? –Што? – Сите тие се тука со една цел – заеднички и со радост да ја дочекаат Новата Година. – Па, мамо, и ние треба да ставиме сијалички на балконот – се досетува дека нашиот балкон не е украсен. Ние имаме само елка. – Ќе ставиме и ние, само те молам, размисли кое оро сакаш да го играат нашите сијалички? – Пајдушко!- слатко се изнасмеа син ми. ***

***Ја сонував баба ми.. Жива, а одамна мртва. Мртва, а река живот извира од неа. Очите и блескаат од насмевки, телото и заигрува, а косата за прв пат и е ослободена од цврстата шамија. Исправено и лесно стои пред куќниот праг, смешкајќи се што ме гледа тука, до неа. Исчезнала и грбката од товарот што го носеше повеќе од 80 години.
-Тука си, да не се грижам, ми вели.. Сега има кој да ме однесе на лекар.
-Да, тука сум.. подготви се.
Телото и е зачудувачки младо, еластично. Брза да се пресоблече во некоја проѕирна наметка од свила, за да биде навистина убава кога ќе ја носам на лекар. Сивата коса која пораснала до половината нежно бранувајќи се, паѓа врз нејзиниот исправен грб. Танцува, радувајќи се што не е сама и беспомошна. Иако многу нешта се измениле, сепак, тоа е таа. Мојата баба, Самовила. ***
***Загрижувачка е тишината која нè раздвојува. Тука сме, а всушност отсутни еден од друг. И од сè друго. И од она што е присутно, но и од она што недостасува. Целосно отсутни иако телесно присутни. Не можеме ниту да се сретнеме, ниту да се разминеме. Којзнае каде патуваат твоите мисли. За прв пат не можам да претпоставам, а уште помалку да знам. Но, сакам да откријам. Да можам да продрам во твојата длабочина, би ги создала сите услови за едно топло присуство во тебе.
Се ближат празници. Ќе се сретнеме ли? Купив празничен подарок за тебе, а се почестив и себеси. Останува само да забележиш колку високо се искачила мојата загриженост, па дури и стравувам од некое вртоглаво паѓање во водата. Смилувај се. ***

***Сувите црвени пиперки кои веќе започнаа да вријат во стариот лонец, низ куќата раширија мирис на љубов. Не се сеќавам колку долго го употребував тој лонец, мислам повеќе од вечност, имаше се и сешто видено додека клокотеше сите овие години. Којзнае што би прераскажал. И сосема добро се држеше. Има само неколку ситни гребаници од надворешната страна, минимално изменета внатрешност со потемна нијанса од онаа основната, и тоа е речиси се што изгубил низ времето. Но, за возврат на таа загуба, добил живот во куќата каде растев, созревав и создавав. И секогаш во зима го полнев со суви пиперки, ги обарував и спремав салата или макало. Сакав куќата да ми биде исполнета со нивниот мирис. Потсетуваше на детството, на баба ми и нејзините животни приказни, на времиња кои одамна се завршени, но грижливо ги чував во себе, штитејќи ги од заборав. Додека така размислувам, забележав дека помина пладне. Се сепнувам од помислата дека во меѓувреме се најдов седната на мојата фотелја, без при тоа било што да работам. Навикната бев додека спремам ручек да работам низ куќата трчајќи како мува без глава, во обид да направам се да биде цакум-пакум. А што ако денес не биде така? Голема работа. Никој нема да ми суди, ниту пак, во спротивно, да ме закити со било каков медал. Сето ова е чиста глупост. Особено во вака тмурно време, во период на крупни општествни неприлики. Мобилниот трепка, имам ли некаква нова порака? Ах, не, тоа се само некои нови известувања, мејлови кои автоматски доаѓаат од компании со несоодветни рекламни материјали, во обид да ме заведат и да ме вметнат во нивната `рѓосана машина за профит. Всушност, денес се е `рѓосано. Улиците, автомобилите, зградите, дрвјата, па дури и чувствата. Тешко е некој да ги почувствува, да ги возврати, да им се радува. И радоста е `рѓосана. Луѓето многу повеќе посакуваат популарност, отколку љубов. Ете тоа некако ги радува, или пак, подобро, ги задоволува. Зашто денес е тешко да се радуваш, уште потешко да љубиш. Ужасен свет. Го затворам прозорецот. Не сакам до мене да допре нечистотијата на празните улици. Мојата љубов е тука. Меѓу топлината на четирите ѕида и лонецот кој никогаш не `рѓосува. ***
Фото: Митко Лукан
Публицитет.мк







