Секоја важна идеја почнува од само една помисла, но секако со здружени професионалци кои моижат да ја реализраат. Кај нас моментално се спроведува една таква идеја, „Можеби сме различни, но сите имаме талент”, за која поразговаравме со Ана, Клеа, Фатмире и Јорданка од Првата детска Амбасада “Меѓаши”.
*„Можеби сме различни, но сите сме талентирани“ е најновата кампања на “Меѓаши”, која поместува нови граници во прифаќање на различности. На почеток објаснете нѝ ја оваа нова активност, што содржи, како почна и на кој начин ја спроведувате?
-Поттикнати од случајот за Ембла, но и досегашното искуство со лицата со попреченост, почнувајќи од етикетите кои им ги лепи општеството, во периодот април – август 2022 година, Првата детска амбасада “Меѓаши” го реализираше проектот „Можеби сме различни, но сите имаме талент (кампања за подигнување на свеста)“. Преку активностите и кампањата што ја спроведовме, сакаме да ја промовираме перцепцијата на децата и луѓето со атипичен развој како талентирани личности и да преминеме од перципирањето на нивната „попреченост“ кон перцепција на нивните квалитети и способности како личности независно од типичноста на нивниот развој. За таа цел,првите месеци ги искористивме за истражување/откривање и фокусирање на децата со попреченост во нашето општество. На самиот почеток волонтерите кои беа и учесници и реализатори на овој проект поминаа обука од наша долгогодишна соработничка – специјален едукатор и рехабилитатор, со цел да се здобијат со дополнителни знаења и информации за одредените попречености. Во рамки на проектот, вклучивме уште една надворешна соработничка, новинарка и во исто време мајка на девојка со Даунов синдром, која изработи прирачник за водење интервју со лицата со попреченост, на кој начин да се разговара и на кои моменти да се обрне внимание, што дополнително им помогна на волонтерите во реализација на активностите.
*Дел од кампањата за подигнување на свеста, беа и снимање и продукција видеа за пет различни ликови – девојки и момчиња со попреченост. Ова е исклучителен предизвик.
-Со почеток на месец јуни до крајот на август, на социјалните мрежи на ПДАС “Меѓаши” вклучително и на “Алобушавко” (Фејсбук и Инстаграм), спроведовме кампања за подигнување на свесноста за децата со попречност преку секојдневни објави со различна содржина ( детски права, едукациски и искуствени текстови, квизови, видеа). Во рамки на кампањата, вклучивме и голем број на други деца кои не беа опфатени со видео записи, чии информации ги добивме од други организации кои работат во интерес на децата со попреченост. Како финален производ што го заокружува нашето петмесечно патување, избработивме електронска публикацијаво која на едно место ги споделивме главните сознанија и искуства со кои се стекнавме во текот на петмесечното патување. Веруваме дека приказните на овие девојчиња и момчиња ќе допрат до срцата на сите што ќе ја видат оваа публикација!
*Нешто сосема ново и необично со кое е надградена Вашата активност за прифаќање на различностите преку играчките како алатка за пренесување, е вредности и пораки. Што значи тоа? Како дојдовте до оваа идеја, што Ве поттикна? Sie Boo Lottie, Mia Wildlife Photographer , Loyal Companion Се вистински ликови, според кои се правени куклите. Свеста на луѓето може да биде подигната на разни начини, ова со куклите е еден фантастичен начин.
-Сосема случајно наидовме на текст посветен на кукли со фокус на инклузија, а текстот беше илустриран со фотографии на различни кукли и производители, од деца кои користат слушен апарат до деца кои поминале операција на срце или друг сериозен здравствен проблем. Ни се допаднаа куклите но и иновативниот пристап и важните вредносни пораки кои овие кукли ги носат. Така, решивме за одбележувањето на 30 години “Меѓаши” да подариме 30 кукли на релевантни институции, училишта и градинки со кои соработуваме. Процесот на набавка и увоз на куклите не беше лесен и траеше долго, но на крај задоволни сме што успеавме да ги донесеме. Куклите се едни од првите и најчестите играчки на децата и тие ги претставуваат идеалите на детството во општеството. Веруваме дека е исклучително важно децата да можат да гледаат и да играат со кукли кои се соочуваат со слични проблеми како нив и дека тоа ќе придонесе во развивањето на детското чувство за самопочит и припадност. Воедно, за децата кои не се соочуваат со овие проблеми сметаме дека играњето со овие кули ќе придонесе кон развивање на нивното разбирање, емпатија и солидарност. Околу нас постојат многу различни и креативни начини на кои можеме да поттикнеме промени во општеството, овие кукли се еден начин, би сакале сите ние почесто да се прашуваме што можеме да направиме и да бидеме отворени за нови креативни решенија. Во “Меѓаши” се трудиме да бидеме отворени кон нови идеи и да наоѓаме начин да ги реализираме оние кои ни се вредносно блиски.
*Меѓу куклите има кукла со оштетен вид, извонреден слух, и, децата од аутистичниот спектар. Тоа ќе помогне за децата од рана возраст да ги осознаат и прифатат своите другарчиња кои се соочуваат со вакви ограниченост. Имаме ли ние доволно развиена свест за да ја прифатиме оваа новина?
-Да, меѓу куклите има кукли инспирирани од деца со Даунов синдром, кукли инспирирани од деца кои носат слушен апарат и кукли инспирирани од деца со аутизам. Децата често се поистоветуваат со нивните омилени ликови од цртани филмови или од нивните кукли. До скоро тие кукли беа креирани по модел на типични деца што ја исклучува можноста децата да ги препознаваат нетипичните карактеристики кај нивните другарчиња, за разлика од овие кукли кои што им овозможуват да ги видат разликите и да се дружат со другарчињата кои изгледаат како нивните кукли. Додека до скоро време не се зборуваше за децата со атипичен развој, ниту за нивното вклучување како во образовниот систем така и во другите општествени средини, сега веќе работите, иако со бебешки чекори, се менуваат. Свеста е нешто на што постојано треба да работиме заедно, со цел да подигне и надградува, и верувам дека така ќе ја подобриме битно состојбата во нашето општество, разговарајќи, објаснувајќи, вклучувајќи ќе настане позитивната промена.
*Kаде ги претставивте и поделивте овие кукли?
-Првичната идеја беше да се поделат на тие места каде што децата подолго престојуват како што е Детска клиника но, земајќи го во предвид фактот дека децата со атипичен развој се во училниците и воспитно образовниот процес, при дискусија со наставниците и наставничките вклучени во Програмата за мировно образование, дојдовме до заклучок дека и градинките и основните училишта се исто така места каде што овие кукли би придонеле за подобрување на климата и прифаќање на другарчињата кои им наликуваат на куклите.
*Имате ли сознанија овие кукли како се прифатени и каков ефект имаат во другите земји, на пример во Англија, од каде е иноваторката Еми Јандрисевиќ?
-Немаме многу сознанија, но од она што го истражувавме и прочитавме е дека на децата им се допаѓаат овие „поинакви“ кукли, без оглед дали со нив си играат деца со слични потешкотии или деца кои не се соочуваат со такви потешкотии. Играчките се важен дел од детското растење и секоја нова играчка не е „само играчка“, играчките на децата им пренесуваат и пораки и знаења за светот. На децата е важно да им покажеме дека има кукли исти како нив, но исто така е важно да играат и со кукли кои не личат на нив. Играњето со нив им помага да разберат дека има луѓе кои изгледаат поинаку или се соочуваат со поинакви здравствени проблеми. Преку играчки децата можеме да ги учиме за различноста и за тоа како сите сме посебни, без разлика како изгледаме или што и колку можеме. Овие играчки исто така можат да ги поттикнат децата да поставуваат прашања за другите на соодветен начин и во еден сигурен простор. Во светот с ѐ поголемиот број компании ја гледаат важноста на поинакви и инклузивни играчки, вклучително и куклите кои се инспирирани и направени според вистински деца. Компанијата од која ние ги набавивме куклите се вика Lottie Dolls, а самите за себе викаат дека ги почитуваат и слават децата во сета нивна разновидност што го загрева срцето и го потврдува животот“.
* Проектот ,,Можеби сме различни, но сите сме талентирани” сака да придонесе за развој на талент на детето, без разлика на возраста и местото на живеење. Околината, семејството, пријателите се тие кои треба да го прифатат, насочат, помогнат неговиот талент. Но, каде е тука улогата на општеството и на државата? На нејзините официјални институции?
-Кога велиме таленти, имаме на ум поширока концепција – мислиме на потенцијалите со кои располага секоја единка, секое дете, секој од нас. Не мислиме само на посебна надареност. А со оваа кампања сакавме да влијаеме врз перцепцијата општо на сите нас да не гледаат што некоја личност не може, туку што може и тука да ги насочиме нашите напори и енергија и како поединци и како општество, вклучително и институциите. Во однос на тоа колку државта, односно системот, институциите играат проективна улога во обезбедувањето еднакви можности за развој на децата и младите па и сите лица со попреченост, е тема која е исто така опфатена и во други наши активности. Така и во двата последни алтернативни извештаи за состојбата со правата на децата во Македонија од 2020 година, едниот подготевн од мрежа невладини организации, вториот од деца, се осврнуваме на овие прашања. Како што стои во Алтернативниот извештај на невладините организации за состојбата со правата на децата во Македонија, „Децата со попреченост се соочуваат со бројни бариери за пристап до здравствени услуги, како физичката непристапност на здравствените објекти, непристапноста на медицинската опрема и уреди, недостатокот на обучен кадар и пристапни формати на информации и ригидните административни процедури. Здравствените работници, и самите пациенти се недоволно запознаени со своите права и обврски, што придонесува за креирање однос на меѓусебна недоверба и зачестени случаи на повреда на правата на пациентите… Постои недостиг од податоци за вклученоста на децата со попреченост во редовното образование. Пристапноста до училишните згради, внатрешните простории и соодветните дидактички средства не е обезбедена во задоволителна мера…Бројот на образовни и лични асистенти е недоволен, а законско право на асистент имаат само децата од основно образование“ ( стр. 53, Алтернативен извештај, 2020Сите овие прашања бараат целосна посветеност и долгогодишна работа а ние се надеваме дека со оваа и слични кампањи ќе придонесеме кон поскоро фокусирање на нив.
*Прикажавте и неколку видеа. Како ги слектиравте и одбравте децата учесници во нив? Каде да ги погледнеме?
-Во рамки на овој проект подготвивме видео записи по препорака на стручните соработници, кои имаат долгогодишна соработка со децата учесници во видеата. Дополнително, социјалните мрежи ги искористивме за да споделиме приказни на други лица и деца со атипичен развој и потсетивме дека сите деца ги имаат истите права, без разлика дали станува збор за дете и млада личност со типичен или атипичен развој. Видеата се достапни на сите социјални мрежи на ПДАС Меѓаши, како и во самата публикација. Дополнително, во рамки на прес конференцијата изработивме и едно неколкуминутно видео- сумарен приказ од сите 5 видеа во кое говорат децата, и истото може да го погледнете тука:
https://www.youtube.com/watch?v=QQRqDW4p2mo
http://childrensembassy.org.mk/content/pdf/Mozebi%20sme%20razlicni%20no%20site%20sme%20talentirani.pdf?fbclid=IwAR2y_Ce0BLsGsP1L5D0D_aw8Qx4CgxNT8fweFeLAJX5pXbxdsYO6NyexTaI
https://www.youtube.com/user/Megjashi/videos
*Како планирате да ја проширувате, надградувате и имплементирате оваа идеја во понатамошното работење?
-Во досегашното искуство на “Меѓаши”, не сме биле вклучени директно во проект кој ги опфаќа децата со попреченост, затоа што “Меѓаши” е гласот и ликот на сите деца без разлика дали се со типичен или атипичен развој. Она што особено не радува е тоа што, кампањата предизвика навистина голем интерес со над 36.000 прегледи на Фејсбук страниците на “Меѓаши” и над 16.000 посети на Инстаграм профилот на “АлоБушавко”. Но и голем број јавувања имавме и на нашиот телефон за деца и млади – “АлоБушавко” 070 390 632, на кој што се јавуваа родители кои изразија желба да се вклучат во камапањата а со тоа и во подигнувањето на свеста за децата со попречености. Добивме и покани од други лица да ги презентираме видеата во училиштата. Нашата мотивација и посветеност кон децата не прекинува со завршување на овој проект, засега би продолжиле со објавување на стории за талентите на секое дете, но за жал за да може да продуцираме што поголем број на видео-записи како овие, апелираме до општествено одговорните компании да се вклучат и да ја дадат својата поддршка. Веќе добивме и покани од некои училишта како би можеле да ги продложиме овие и слични активности и да ги искористиме производите на кампањата, посебно видеата, но за тоа ќе можеме во наредна прилика да кажеме повеќе штом реализираме некои од предлозите. Куклите што ги подаривме на неколку различни субјекти – училишта, градинки, организации и Детска клиника на настанот што го имавме на 31 август, нѝ отвори нови можности за соработка и врмежувања со различни чинители и нам со нив но и меѓу нив, така што задоволни сме што поттикнавме разговори на оваа тема макар и во помал круг. Круговите потоа сами од себе се шират.
Валентина Ѓоргиевска Парго
Публицитет.мк