Во „Куќата на Уранија“ вечерва – 1 август од 20 часот ќе биде отворена третата самостојна изложба на Рубенс Наумовски.
За ликовното творештво на Наумовски, помладиот ќе зборуваат министерката за култура на РМ Елизабета Канческа – Милевска и академик Газнфер Бајрам. На изложбата во организација на Завод и Музеј од Охрид, Наумовски ќе се претстави со 20 слики работени во техниката масло на платно.
„Рубенс Наумовски ( 1953 ) е образован музичар, но покрај други разновидни активности е и сликар кој првите поттици и поуки ги доби од татко му Вангел Наумиовски, еден од најпознатите македонски уметници.
Меѓу нив, на естетски план постои сродност пред се’ во создавањето на биоморфни форми. Битен момент на разликување, меќу другото е отворениот и љубопитен дух на Рубенс Наумовски, кој во своите дела внесува елементи на лични искуства и сознанија, поврзани со природата како и со неговата професија.
Станува збор за синестезија ( проучувана од В.Кандински и други сликари и музичари ) или креативно поврзување на различни дисциплини и сензации.Не случајно едно платно на Рубенс Наумовски е насловено “ Слушни го изгревот на Петринско Поле “ . Овој македонски планински предел меѓу Охрид и Ресен тој го видел, слушнал и помирисал .
Тој слика спонтано без програма но истовремено е преокупиран со бесконечноста на просторот идеја трансформирана со едноставни просторни назначувања. До неговиот свет “ Меѓу сонот и јавето” доаѓа по пат на лирски креативен момент во кој се синтетизирани повќе елементи. Друго платно е насловено “ Вечниот танц “ со нагласена динамика и звучност на формите“, ќе напише во каталогот, познатиот ликовен критичар Владимир Величковски.
М.Ј./ „Публицитет.мк“