Околу три часот по полноќ во Основниот суд Скопје -1 заврши распитот на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко. Засега не се знае дали ќе им биде одредена мерка притвор.
Јанакиевски и Темелко, го напуштија судот без да дадат изјава за новинарите и заминаа со цивилно возила. Адвокатот на одбраната на поранешниот министер и на градоначалникот, Никола Додевски при напуштањето на судот изјави дека во текот на денешниот ден ќе има информации какви мерки ќе преземе судот.
Распитот на Јанакиески и Темелко следеше откако Специјалното обвинителство вчера ја соопшти својата прва акција, насловена „Титаник“, и побара притвор за осум лица, осомничени за изборна измама. Меѓу осомничените се поранешната министерка Гордана Јанкулоска и Кирил Божиновски, но нивните имиња не беа експлицитно наведени.
Извор: meta.mk