Еден од најголемите филмски хитови во 1986 година секако е филмот „Топ ган“ на режисерот Тони Скот во кој настапија Том Круз и Кели Мек Гилис.Веќе неколку години наназад се говореше и пишуваше дека ќе биде снимено продолжение од овој голем филмски хит во кој повторно, по цели триесет и кусур години, главната улога би ја толкувал Том Круз. Конечно филмот е готов и според најавите тој би требало во кино салите да се појави на 2. јули.2021 година . Насловот на филмот е„Топ ган:Маверик“.
Овој вовед има за цел да се потсетиме на прекрасната музичка тема од овој филм насловена како „Ми го одземаш здивот“ во изведба на американската група „Берлин“која стана голем музички хит.Освен тоа песната ја освои наградата Оскар за најдобра оригинална песна како и наградата Златен глобус во истата категорија.
Автор на музика е Џорџо Мородер а текстот е дело на Том Витлок.
Интересна е историјата за создавањето на оваа песна. Имено,копродуцентот на филмот „Топ ган “, Џери Брукхајмер го замолил композиторот Џорџо Мородер да напише песна за овој филм. Тој најпрвин ја напишал песната „Зона на опасност“која ја исполнил Кени Логинс која му се дипаднала на Брукхајмер но сепак побарал уште една песна со побавен ритам за една романтична сцена во филмот.Откако Мородер ја напишал музиката за песната , која подоцна ќе го добие името „ Ми го одземаш здивот“, тој направил демо снимка од мелодијата и му ја дал на текстописецот Том Витлок.Тие двајца за првпат се сретнале кога Витлок , во една прилика му ги поравил сопирачките на Ферарито на Мородер на кого му кажал дека е и текстописец.Мородер го ангажирал да работи во неговото студио а нешто подоцна го ангажирал и како текстописец.
Витлок го напишал текстот додека се возел дома од студиото на Мородер. Кога стигнал дома ја доработил песната и направил снимка со еден пејач. Снимката ги воодушевила режисерот Скот како и продуцентите Џери Брукхајмер и Дон Симпсон кои одлучиле да снимат неколку нови романтични сцени помеѓу Том Круз и Кели МекГилис за да ја покријат песната.
Песната најпрвин им била понудена на групата „Мотелс“ но компанијата Колумбија рекордс сепак заедно со Мородер се одлучиле за групата „Берлин“со која порано соработувал како продуцент. Текстописецот Витлок направил неколку измени во текстот пред вокалистката на групата Тери Нун да ги отпее вокалите за оваа песна за која Џорџ Мородер изјавил дека е таа најдобрата песна која тој ја продуцирал во својата богата музичка кариера.
Песната се искачи на на првото место на Билборд 100 а исто така се најде и на првото место на топ листите во Велика Британија, Холандија, Ирска и Белгија.
Во исчекување на продолжението на филмот „Топ ган :Маверик“ се потсетуваме на големиот музички хит од 1986 година во изведба на групата „ Берлин“.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк