Вечеравечер во Академијата на науките и уметностите на Република Српска во Бања Лука, историчарот на уметност и советник кустос во Галерија на икони од Охрид, Милчо Георгиевски одржа предавање со наслов “Галеријата на икони-Охрид, ризница на византиската и поствизантиската уметност.”
Пред присутните, членови на Академијата, колеги од Музејот на Република Српска, Заводот за заштита на спомениците на културата на Република Српска и бројни љубители на византиската уметност, беше претставена Галеријата на икони-Охрид, како една од најзначајните и највредните колекции на икони во светот.
Самото предавање предизвика голем интерес кај присутните кои не го криеја задоволството што имаа прилика да се запознаат со вредностите кои се презентирани и се чуваат во оваа галерија, икони, разни богослужбени предмети, делови од црковен мобилијар, црковни везови итн.
Воведничар на предавањето беше Милица Котур, раководител на Одделението за заштита на културното наследство при Министерството за образование и култура на на Република Српска.
Денеска напладне Георгиевски во Музејот на Република Српска ќе одржи уште едно предавање на тема “Планирањето, правилното ракување и пакување како предуслов за безбеден транспорт на музејските предмети”.
На ова предавање ќе бидат изложени начините на правилно планирање, ракување и пакување како основни предуслови за безбеден транспорт на музејските предмети од особена историска, културна и уметничка вредност.
Според домаќините, тоа треба да биде корисно искуство за сите вработени во Музејот на Република Српска, бидејќи, меѓу другото, ќе стане збор за начините на пакување и транспорт на вредните Охридски икони кои на најпрофесионален и безбеден начин досега биле успешно и безбедно транспортирани на поголем број меѓународни изложби ширум светот.
Воведничар и на ова предавање ќе биде Милица Котур од Одделението за заштита на културното наследство при Министерството за образование и култура.
Публицитет.мк