Охриѓни добро го познаваат Миле Христоски – професор по физичка култура во пензија кој им предаваше дури на 40 генерации ученици во гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид.
И во осмата деценија од животот тој е витален , ведар и вели здрав. Секојдневно доаѓа на терените на ЈП „Билјанини Извори“ и со часови спортува. Не важно дали врне дожд или сонцето пече силно, тој е тука секој ден околу 11 часот,а некогаш и порано.
Го затекнавме со кошаркарската топка во раце , ни рече дека дневно прави по 200 слободни фрлања и дека секојдневно го подобрува резултатот.
Трча на атлетската патека и постојано ги запишува резултатите. Нема справа на која не вежба. На вратило, прави склекови, стој на раце, повеќебој.
-Тренирам атлетика, таа е мојата љубов од младоста, сега еве се подготвувам, за Пензионерските спортски игри каде со години сум активист и вежбам слободни фрлања во кошарка. Се надевам дека по шести пат ние пензионерите- спортисти од Охрид ќе бидеме први на Републичките натпревари и во трајна сопственост ќе освоиме уште еден пехар. Некогаш бев иницијатор за формирањето на Атлетскиот клуб и долго време тренер на машката кошаркарска екипа од Охрид која се натпреваруваше во Првата и Втората републичка лига, вели Христоски.
Го прашавме за совет за долг и здрав живот,а тој со насмевка само ни рече:
-Со мојот велосипед покрај овие секојдневни вежби , дневно минувам над 20 километри. Јадам умерено и не пијам алкохол, само во посебни пригоди. Си легнувам после полноќ а спијам најмногу по 6 часа, ни вели Миле.
Фотографиите се најдобар доказ за неговата кондиција ,а во аудиото подолу Христоски одблиску не запознава со својата страст кон спортувањето:
Разговараше: Милчо Јованоски, Публицитет.мк