Пред неколку дена почина еден од најпознатите и најпродуктивните композитори на забавна музика во бившите југословенски простори – Рајко Дујмиќ.
Во својата композиторска кариера тој создаде повеќе од 1800 композиции од кои поголемиот дел беа изведени од групата „ Нови фосили“ со кои соработуваше долги години каде како водач на групата ги создаде своите најголеми хитови.
Значаен успех постигна и на „ Песната на Евровизија“кога неговата „Рок ми бејби“ отпеана од групата „Рива“ и пејачката Емилија Кокиќ победи на Евровизија во 1989 година во Швајцарија, претставувајќи ја тогашна Југославија, па следната година најголемото европско музичко натпреварување се одржа во Загреб.
Ова беше негово трето учество на оваа манифестација. Во 1987 година со групата „ Нови фосили“ и песната „ Јас сум за танц“ го освои четвртото место а една година подоцна со групата „ Сребрени крила “ и песната „ Мангуп“заврши на шестото место.
Рајко Дујмиќ во текот на богатата кариера ,освен со групата „ Ново фосили“ со која освои голем број на фестивалски награди и признанија но и милионски тиражи на нивните музички албуми, соработуваше како композитор и со други интерпретатори како Јасна Злокиќ и Јасмин Ставрос.
Пишуваше и филмска музика како и музика за рекламни спотови, музика за тетарски престави…Тој е добитник и на наградата Порин за животно дело.
Но,сепак тој ќе остане запаметен по огромниот број на хитови кои ги направи и ги испеа заедно со групата „ Нови фосили“:„За добрите стари времиња“, „ Тонка“, „ Најдраго мое“,„Саша“, „ Кошула плава“, „ Да не те сакам“… и секако „ Мојата Милена“ на која ќе се потсетиме во оваа прилика со што сакаме да му оддадеме почест на овој голем композитор.
Има еден мошне интересен момент кој е поврзан со создавањето на оваа популарна песна која била објавена во 1983 година на албумот „ После се’ “,за кого пишуваа многу портали по повод неговото заминување.
Според зборовите на Рајко Дујмиќ, песната „ Милена“ тој ја посветил на една девојка од Македонија со која во Херцег Нови поминал цела ноќ разговарајќи со неа.
„Седев со една Милена, од мојата генерација , и разговаравме цела ноќ до зори.Таа работеше како социјален работник во Неготино во Македонија.На разделбата и реков:
„ Ќе напишам песна за тебе“. Не ми веруваше, мислеше дека тоа им го кажувам на секоја девојка.
Тогаш и реков: „ Сега ќе се разделиме и можеби никогаш повеќе нема да се сретнеме, но ќе видиш дека јас никогаш не лажам“.
Едно утро седнал и ја напишал песната „ Милена“која им ја посветил на медицинските сестри. Во песната , Милена секое утро станува во пет и пол и оди на работа, таа живее во малечка соба ,оди во смени и нема постојано момче. Текстот за песната е дело на неговиот голем пријател и соработник , Зринко тутиќ.
По две и пол години Фосили отишле на турнеја која го добила името токму по таа песна. Дел од турнејата бил и Неготино каде во спортската сала требало да одржат концерт. „Пред да започне концертот ми пријде еден од редарите и ми рече дека ме бара една жена со две деца и со нејзиниот сопруг која тврдела дека ме познава.Беше тоа мојата Милена.Се расплака и ми рече дека не може да верува дека нешто вакво е можно.И реков: „Човек се држи за збор, а вол за рогови“.Им дадовме карти и ги сместив во првиот ред.А потоа со одговорниот за осветлувањето се договорив , кога ќе започнеме да ја пееме „ Милена“сето светло да се изгасне а само еден сноп на светлина да се усмери кон Милена.Тоа предизвика вистинска бура од одушевување во салата“ раскажал во една прилика Дујмиќ.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк