Го нарекуваат „славејот на Охрид“ за изведба на народни песни. Не станал правник, како што првенствено замислувал и почнал да студира, а се посветува на песна и производство на текстил. Останала нереализирана уште неговата желба да навлезе во тајните на копаничарството.
„Охрид фест“ е музичкиот бисер на Охрид и охриѓани, што се однесува до новосоздадената забавна и народна песна. Најпрво, што значи за вас овој фестивал како охриѓанец, но и како пејач?
-Фестивалот „Охрид Фест“, кој на почеток и повеќето години потоа беше насловен како „ОхридкиТрубадури“, го следам уште од првиот пат кога се одржа, дамнешна 1994 година. Се одржа на терасата пред хотел Палас, со прекрасна сцена и многу пејачи од нашата фолк естрада. Колку што се сеќавам, фестивалот во првите години промовираше само вечери на народни песни, но по неколку години следуваа и вечери на забавна песна..Како не би ми значел овој фестивал? Како прво тоа е едно големо случување во мојот град, а јас како исполнител на македонски песни не смеам да го изоставам. Самото дружење со моите колеги ми претставува задоволство, новите познанства, атмосферата, и се околу тоа.
Имате запеано на „Охрид фест“, чудно, но само еднаш.
-На „Охрид Фест“ сум учествувал само еднаш, и тоа во годината од кај да читаш, исто ти е- односно 2002 година. Настапив со песна на мој текст, музика на Борче Маркоски и аранжман на Божидар Димоски. Песната носеше со наслов „Ах да те љубам“.Тогаш решив да настапам по убедување на господинот Григор Копров, директорот, кој во еден момент ми рече: „Чекам да пријавиш песна, и како охриѓанец да настапиш на фестивалот“. Тоа ме осоколи, па одлучив да настапам.
(со пејачот Јани Мораитис на „Охрид фест 2015“)
Вие, го посетувате фестивалот зад сцената, и, во секој случај се дружите со своите колеги и колешки од земјава и пошироко. Што најмногу Ве импресионира? Или пак можеби имате некоја забелешка?
-Да, можам да кажам дека досега не сум пропуштил ниту еден,освен кога не сум бил во можност поради свирки или отсутност од Охрид. Бидејќи по природа сум дружељубив, токму тоа ме тера да бидам присутен на местото на случувањето, пред или зад сцената, дружејќи се со моите познати колеги, а запознавајќи и нови од Македонија и пошироко. Слушајќи ги новите песни, доаѓам до нови искуства, интерпретации, сценски настапи, товарејќи се со нови импресии, побогат се враќам дома. Единствено што, како охриѓанец, можам да забележам и ми пречи е тоа што во последно време присутноста на публика е се помала. Зошто, не би сакал сега за тоа да зборувам.
Од задсценските средби со гостите, која средба најмногу ви оставила впечаток?
-Годината кога беше учесник Милан Бабиќ од Србија, ми остави добар впечаток,се радував уште кога разбрав дека и тој доаѓа. Сакав да го видам во живо, тој пејач со извонреден глас, но за жал не дојдов во поблизок контакт.
Годинава е 25 годишен јубилеј, планирате да земете учество со песна?
-Не знам што да кажам, но искрено би сакал. Има се уште време, се надевам ќе стигнам да пријавам добра композиција, и бидејќи е јубилејна година, би сакал истата песна да остави добар впечаток. Се надевам нема да останам подолго во Америка, каде наскоро заминувам, па во почеток на септември ќе бидам тука за фестивалот.
Бидејќи и директорот на фестивалот е охриѓанец, а е многу плоден композитор, зачудува што досега не сте развиле соработка на релација- пејач и автор.
-Со Копров се знаеме лично, и како што кажав по негова иницијатива дојде до мојот прв настап на овој фестивал. Верувајте, често пати сум помислил да побарам песна од него, знаејќи дека неговите песни многу пејачи извади на површина, но едноставно не сум влегол во таков разговор.
Колку, досега, брои вашиот репертоар, какви награди сте освојувале?
-.Не можам да се пофалам со многу снимени песни. Ги имам некаде 20-тина на број, половина народни изворни и половина новокомпонирани народни. Инаку, мојот прв настапо беше по желба на Борче Целески на локалниот фестивал кој се одржа само еднаш, „Песна на Охрид“, каде ја испеав песната „Не те давам граду роден“. На тој фестивал настапија 16 охридски пејачи, а замислете, јас со прв настап и прво место. Потоа следуваше „Сенатор Фест“ со песната „Зошто среќо ме остави“ и награда од издавачка куќа од Австралија „Зоро рекордс“, како и награда од приватните радија и ТВ во Македонија. На едно издание на „’Гоце Фест“ влегов и во финале со песната „Моето село“, од авторот Горан Алачки. Исто така, победив на охридскиот „Канео фест 2014“ со песната „Незаборавна“ во авторство на мојот сограѓанин Вили Котовски, и аранжман на Горан Милошески, во чие студио „Кактус“ ја снимивме песната.
Пред вашата турнеја и заминување во Америка, да ни откриете и што планирате понатаму?
-Да, наскоро летам за Соединетите Американски држави, каде се надевам со успех ќе ги забавувам нашинците, со наши песни, а тоа со сигурност можам да го направам. Шестмесечната турнеја опфаќа настапи пред Македонците во Чикаго, Краун Поинт, Индијанаполис, Детроит, Колумбос, а можно е и во Њујорк. Моите планови и желби се да сум здрав и весел како до сега, сакам настапи, да снимам уште многу песни, не за да станам некоја си голема ѕвезда, туку поради тоа што си ја сакам нашата изворна песна, и со тоа да придонесам колку што можам таа да не исчезне. А како што гледаме сите, како веќе да и не постои. Имав многу желба да снимам изворни песни со големите мајстори на своите инструменти, во МРТВ, но таму не ми се укажа прилика, да бидам искрен, а очекував. Но од одговорните во МРТВ, токму тие кои требаше да работат со пејачи кои можат да ја испеат солидно македонската песна, на еден начин бевме игнорирани. Да бидам поконкретен, бараа „шушки“ (пари н.з), како дома да си им отишол. Тоа е моја драга, но Микеле не губи надеж, затоа што никој не може да ми забрани да си пеам и тоа на цел глас,сигурен сум на тие малкумина што ќе ме чујат, им било и ќе им биде мило и ќе уживаат.
Валентина Ѓоргиевска Парго
Публицитет.мк