Митрополитот Дебарско-кичевски, Плаошко-струшки и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј заедно со црковната делегацијата од Р. Македонија од пред два дена е во Австралија.
Тој слета на Сиднејскиот аеродром, каде свечено беше пречекан од неговите духовни чеда, кои во голем број дојдоа да му посакаат топло добредојде и пријатен престој во Австралија, јави информативната служба на австралиски – сиднејската епархија.
Освен свештенството од Сиднејското архиерејско намесништво и членовите на Епархискиот управен одбор, и многу верници од Австралиско-сиднејската епархија му посакаа топло добредојде и успешна канонска визитација на својот надлежен Архиереј г. Тимотеј и на останатите членови на делегацијата.
Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор на Австралиско – сиднејската епархија г. Тимотеј, во придружба на протојереј-ставрофор Димче Ѓорѓиески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, при оваа третата канонска визитација ќе престојуваат на Австралискиот континент до 22 април.
Митрополитот г. Тимотеј заедно со придружниците и парохиските свештеници ќе отслужи свети архиерејски литургии во храмовите, кои што се под негова надлежност и ќе се сретне со некои од Црковните одбори.
Во рамките на програмата, Митрополитот г. Тимотеј ќе одржи редовен состанок на Епархискиот управен одбор (ЕУО) и редовно Епархиско собрание со членовите на Епархискиот управен одбор и делегатите на Црковните општини.
Публицитет.мк