По повод претстојниот празник 7ми Ноември – Денот на ослободувањето на Охрид, младите од СДСМ – Охрид вчера реализираа акција за чистење и уредување на спомен обележјето на местото каде што за прв пат во Охрид, во мај 1941 год., е донесена одлука за масовна вооружена борба против фашистичкиот окупатор.
Спомен плочата се наоѓа во боровата шума над саат кулата во месноста Месокастро, на местото кое за охриѓани е познато како “Бајрон”, во стариот дел од градот.
Спомен плочата е поставена пред 55 години, на 7ми Ноември 1961 год., но охридската јавност малку знае за неа и многу ретко е посетувана по повод одбележување на значајни празници.
Ова спомен обележје е само едно од неколкуте во градот, што се посветени на луѓе и настани од периодот на Народно-ослободителната и револуционерна борба на охриѓани, а кои се заборавени и занемарени од страна на надлежните општински органи.
Целта на ваквите акции на младите од СДСМ е да се привлече вниманието на охридската јавност за постоењето на ваквите подзаборавени споменици од минатото, за на достоен начин да бидат одбележувани и прославувани значајните датуми од нашата славна историја, се вели во соопштението на Центарот за комуникации на СДСМ- Охрид.
Публицитет.мк