Пред десетина дена во Загреб почина пејачката Зденка Вучковиќ на 78 годишна возраст.Таа , може слободно да се рече, беше првата југословенска тинејџерска ѕвезда ( иако за тој англизам во тоа време ретко кој знаеше).
Имено, во рамките на првиот фестивал на забавна музика именуван како Опатија во 1958 година , меѓу 18 те композиции се најде и песната „ Тато, купи ми ауто“, или со службениот наслов „ Моето малечко девојче“која во дует ја изведоа тогаш 16 годишната Зденка Вучковиќ и големата музичка ѕвезда Иво Робиќ.Песната стана двоен победник на фестивалот освојувајќи ги првите награди на публиката и стручното жири.
Автор на музиката за песната е Милутин (Крешо) Вандекар а зборовите за песната се дело на Алка Рубен , чие вистинско име е Мира Кошутиќ.
Иако на музичката сцена Зденка Вучковиќ ќе ги помине наредните пет децении , оваа нејзина песна ги фрли во сенка сите нејзини идни успеси . Со други зборови, оваа песна остана нејзин знак за препознавање или што денес би рекле, нејзин бренд.
Иако , слушајќи ги зборовите на песната а и самата песна , ќе помислите дека се работи за една најобична детска песничка , сепак не е така како што на прв поглед ( и слушање) изгледа.
Според социолозите и хроничарите од тоа време, се работи за песна која преставува посвета на потрошувачкото општество кое се раѓало токму во тој период заедно со самоуправувањето кога започнало производството на првите телевизиски приемници и нивното купување. Така на пример, тој прв Опатиски фестивал бил пренесуван преку радио во целата тогашна држава преку радио станиците Загреб, Белград и Љубљана.
Девојчето Вучковиќ со својот глас го испиша рецептот на тогашните социјалистички желби: куќичка, автомобил, велосипед, ромобил па дури и количка од Југовинил.Таа всушност со својот детски глас го изговори гласно и јасно она што родителите го говореле тивко.
Во едно од подоцнежните интервјуа Вучковиќ се присетила и на својот прв настап:
„ Еден ден по настапот со Иво Робиќ по настапот во Опатија каде ја изведовме песната „ Моето малечко девојче“ , од хотелот „ Кварнер“ не можеше ниту да се влезе ниту да се излезе, бидејќи луѓето се туркаа за да добијат автограм. “
Неколку недели подоцна по завршувањето на фестивалот тогашната дискографска куќа Југотон ја издаде првата лонг плеј грамофонска плоча со осум избрани композиции од фестивалот, каде песната „ Моето малечко девојче“ е главниот хит.Тој славен шлагер посредно ја усмери нејзинатамошне успешна подоцнежна кариера.
Еве потсетување на овој голем музички хит во изведба на Зденка Вучковиќ и Иво Робиќ.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк