Според Филмската Енциклопедија издадена од Југословенскиот лексикографски завод -Загреб од 1990 година, англискиот збор REMAKE (РИМЕЈК) означува НОВА ВЕРЗИЈА или НОВА ОБРАБОТКА, односно тоа е име за нова верзија на некој филм. Показател дека некој филм е римејк е истиот наслов , потоа експлоатација на исто книжевно или театарско дело , како и во пропагандното истакнување дека проектот е нова верзија на некој веќе постоечки филм. Римејкот од предходната верзија , честопати една или повеќе верзии,најчесто се разликува со нова актерска и авторска екипа, со употреба на нова технологија при реализацијата(боја наместо црно бела техника, широко платно или 3Д технологиа на место стандардно платно), осовремена приказна, евентуално со поинаков амбиент на дејствието и таканатака.
Римејкот обично се прави со намера да се повтори комерцијалниот успех на предходната верзија ( како на пример „ Бен Хур“ од 1926г. односно „ Бен Хур “ од 1959 г.; „ Побуна на бродот Баунти “ од 1935 односно од 1962 односно од 1984 г.; или “ До последен здив“ од 1960 односно од 1983 г. и многу други).
Веќе рековме дека новото видување обично се прави со друга актерска и друга авторска екипа. Но, во истријата на филмот постојат и голем број на филмови кои се направени како римејк а кои се реализирани од ист режисер. Причината за повторната реализација на истиот филм но со нова актерска екипа може да биде различна (комерцијална или корекција на недостатоците во предходната верзија…). Еве потсетување на неколку вакви филмски остварувања.
ЧОВЕКОТ КОЈ ПРЕМНОГУ ЗНАЕШЕ (1934 /1956) режија АЛФРЕД ХИЧКОК
Оригиналниот филм „Човекот кој премногу знаеше “ Алфред Хичкок го снимил во 1934 г.во својата татковина Велика Британија со скромен буџет и во црно бела техника. Извонредниот успех на филмот бил причина две децении подоцна ,во 1956 г. Хичкок во Холивуд да сними високобуџетен римејк во синемаскоп техника и во боја , со ѕвездената двојка Џејмс Стјуарт и Дорис Деј во главните улоги и со 45 минути подолго траење на филмот.
Станува збор за ново видување на истоимениот филм од 1934 година кој постигнал голем успех. Се работи за филм кој и ден денес се гледа со задоволство покрај другото и заради мошне познатата песна Che sara, sara во изведба на Дорис Деј, песна која им донесе Оскар за најдобра оригинална песмна на Џеј Ливингстон и Реј Еванс во 1956 година.
Филмот преставува класично дело на ненадмонатиот мајстор Хичкок во кое гледачот лесно се идентификува со главниот јунак, обичен човек кој одненадеж е вовлечен во мрачна политичка интрига од која мора да се извлече сам, без помош на законот.
Во оригиналниот филм од 1934 година улогите ги толкуваат Лесли Бенкс и Една Бест а дејствието се случува во Швајцарија и Лондон а во римејкот од 1956 година дејствието започнува во Мароко а завршува исто така во Лондон.Во оригиналот на брачната двојка им ја киднапираат ќерката а во римејкот ,синот.
10 БОЖЈИ ЗАПОВЕДИ (1923 / 1956) ,режија Сесил Б. ДеМил
Познатиот великан на седмата уметност, режисерот Сесил Б. Де Мил во 1923 година го снимил филмот „10 божји заповеди“кој е работен според библиската книга за Мојсие. Филмот бил вистински спектакл кој имал буџет од тогаш фантастични 1,8 милиони долари.Во реализацијата на филмот учествувала една цела армија од 2500 актери, статисти, столари, ѕидари , сликари, кувари… кои на сетот на „Градот на фараоните“ кој бил изработен од дрво и гипс ,престојувале цели три месеци снимајќи го овој спектакл. Градот бил подигнат во пустината Гуадалупе а по завршувањето на снимањето бил срамнет со земја со помош на булдожери. Остатоците и ден денес се наоѓаат под наслагите на пустинскиот песок. Локалното население ова место го нарекле како „ Изгубениот град на ДеМил“.Главните улоги во оваа верзија ги толкуваат Теодор Робертс, Чарлс де Рошефо , Естел Тејлор и многу други.
Цели 33 години подоцна во 1956 година ,истиот режисер го реализира римејкот на овој филм во кој главната улога ја толкува харизматичниот актер Чарлтон Хестон ,познат по улогите на многу познати личности од историјата, а тука се и Јул Бринер , Ен Бакстер,Ивон Де Карло, Едвард Џи Робинсон, Дебра Пеџет, Џон Дерек…Римејкот на овој филм имал буџет од 13,3 милиони долари.Во реализацијата на филмот учествувале 14000 статисти и 15000 разни животни.Филмот го одликува импресивна сценографија и костимографија, дотогаш невидени специјални ефекти…Филмот имал номинации во седум категории за наградата Оскар а добил само еден за најдобри визуелни ефекти.
СМЕШНИ ИГРИ (1997 /2007), режисер Михаил Ханеке
Еден од најнаградуваните европски режисери Михаил Ханеке ,кој своите ѕвездени мигови ги имаше во 2012 година кога со филмот „ Љубов“ освои голем број на филмски награди како и наградата Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.
Ханеке во 1997 година во австриска продукција го сними психолошкиот трилер „Смешни игри“ кој говори за едно недолжно семејство кое ќе доживее пеколен викенд.Ана,Џорџ и нивниот син доаѓаат во својата викендичка покрај езерото. Таму ќе запознаат едно необично момче кое е гостин кај нивните соседи. Наскоро ќе откријат дека се работи за мошне насилна личност.Филмот всушност преставува сложен поглед на злото кое владее меѓу луѓето и тежината на меѓучовечките односи кои понекогаш можат да се развијат во вистинска перверзија и да завршат со вистинска трагедија.
Точно 10 години подоцна режисерот Михаил Ханеке во Америка направи дословен римејк на сопствениот филм од 1997 година со ист наслов и со единствена разлика што настапуваат други актери кои говорат на англиски јазик. Во овој римејк настапуваат Наоми Вотс, Тим Рот и Мајкл Пит.
13 (2005/2010),режија Гела Баблуани
Грузискиот режисер Гела Баблуани во 2005 година го сними својот дебитантски филм „13 Цамеи“кој преставува потресна оригинална визија за хаотичниот ,мрачен свет во кој ќе се најдат маргиналците , кои илегално се населуваат во земјите на западна Европа, понекогаш немајќи друг избор освен да се коцкаат со сопствениот живот.Филмот беше добро прифатен од критиката и освои неколку меѓународни награди, меѓу кои и наградата на жирито на Санденс филмскиот фестивал и две награди на венецијанскиот филмски фестивал.
Филмот го одликува напната приказна, извонредна актерска игра и импресивна фотографија.Главната улога во овој филм ја толкува братот на режисерот Џорџ Баблуани кому ова му преставува дебитантска улога.
Пет години подоцна режисерот Гела Баблуани сними римејк на сопствениот филм за американските продуценти овојпат со прилагодена приказна која се случува во Америка.Во оваа верзија која е именувана само како „13“ главната улога ја толкува младиот актер Сем Рили а тука се уште и Алис Бардет, Џејсон Стетам, Мики Рурки,Стивен Бич.
КЛЕТВА (2002/2004) ,режија Такеши Шимицу
Позната е праксата успешни филмови кои се снимаат надвор од САД да бидат снимени како римејк во Холивуд со други актери и режисери. Но ,во последните години американските продуценти отидоа чекор понатаму па заедно со филмот го носат и режисерот и со него снимаат американски римејк на некој успешен филм. На тој начин го избегнуваат моментот на евентуален неуспех во режисерскиот дел а од друга страна му овозможуваат на гостинот режисер да го повтори или надмине успехот од предходниот филм и евентуално да си направи и кариера во ветената земја. Вакви примери има повеќе а еден од нив е јапонскиот режисер Такеши Шимицу кој во 2002 година го сними во Јапонија хоророт „ Клетва“.
Зад обичната фасада на една скромна куќа во Токио се сокрива страшна закана, ужас кој ги уништува животите на сите оние кои ќе стапнат преку прагот на куќата.Клетвата предизвикува смрт на жртвата во налет на стравичен бес.Кого смртоносната клетва ќе го зарази –тој умира , а новата клетва се раѓа и како вирус се пренесува на секој кој ќе влезе во куќата во еден бескраен синџир на ужас кој станува се’ поголем…
Две години подоцна во 2004 година Такеши Шимицу оваа приказна ја сними во Холивуд под ист наслов но со други актери. Така главната улога и ја додели на познатата актерка Сара Мишел Гелар.Буџетот на филмот бил 10 милиони долари а филмот само во американските кино сали испеа да заработи 40 тина милиони долари што му ги отвори вратите да го сними и второто продолжение две години повторно со Сара Гелар во главната улога.
Продуцентите снимија уште едно продолжение од оваа приказна но во неа не учествуваше режисерот Шимицу ниту пак актерката Сара Мишел Гелар.Како да му беше доста од излетот во Холивуд па се врати во својата родна Јапонија каде продолжи да снима филмови од поинаков жанр.
Ѓоко Симјаноски – Публицитет.мк