Деновове кои се зад нас ќе останат запаметени по заминувањето од овој свет на Ѓорѓе Балашевиќ,уште едно големо име од светот на популарната музика од овие простори како жртва на големиот непријател на човештвото , корона вирусот.
Зад овој роден романтичар ,кантавтор, романописец, актер …останаа 14 студиски албуми , огромен број на концерти во бившите Југословенски простори но и во сите држави кои приозлегоа од некогашната Југославија. За она што тој го остави зад себе ќе се говори и пишува и во иднина а со неговите песни и мудрости ќе растат уште многу генерации. Сите ние кои живеевме во неговото време ја имавме таа привелегија и чест да уживаме во неговите песни , концерти, Тв серии, филмови, романи…
За неговото творештво и животен пат , овие денови беа објавени огромен број напишани и видео материјали кои само покажаа дека тој беше исклучителен автор и човек.
Во оваа прилика се потсетуваме на него со една од неговите први песни со кои тој го најави своето повеќе децениско присуство на естрадната сцена на овие простори.Тоа е композицијата „ Мојата прва љубов“ од 1978 година која за првпат беше изведена на фестивалот на забавна музика „Опатија ‘78“ .Тогаш тој настапи како член на групата „Рани мраз“во која членуваше и Верица Тодоровиќ откако тој ја напушти групата „Жетва “ .Во новата група членуваа и Биљана Крстиќ и Бора Ѓорѓевиќ (подоцна познат како Бора Чорба).
Иако „Рани мраз“ не победи на фестивалот во Опатија , песната стана голем хит а синглот издаден од „Југотон“ беше продаден во повеќе од 130 000 примероци.
Бидејќи со групата „Жетва“ не се разделиле пријателски ,инспирација за името на групата „Рани мраз“ Балашевиќ ја добил од една стара сибирска изрека „Ако се надеваш на добра жетва, чувај се од раниот мраз“
А неговата вистинска прва љубов , Оливера , која цел негов живот ќе биде негова животна сопатничка и вистинска инспирација ја сретнал една година подоцна.
„Таа , исто како и во мојата песна, дојде тивко, непоканета , сама…и остана во мене засекогаш. Таа беше сиромашна студентка од студенскиот дом, репрезентативка во гимнастика… По првата средба не се разделувавме повеќе од два дена, освен кога имав концерти далеку од градот во кој живеевме. Можев да поминувам часови и часови во разговор и прошетки со Оља. Кога ќе одев некаде без неа , ќе помислев:„ Боже , што да правам ми недостасува тоа суштество“ се присети на својата голема љубов во едно од многуте интервјуа , Балашевиќ.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк