Со д-р Ајсел Зејноска која над 20 години е дел од Итната медицинска помош во познатата охридска Маларична интервјуто од серијалот „Мојот живот, мојот свет“ го снимивме во хотелот „Инекс Горица“ меѓу три нејзини и на нејзиниот тим, за среќа помали интервенции.
Со клик на линкот слушнете го во целост аудио интервјуто со д-р Ајсел Зејноска низ кое ве води Милчо Јованоски
Таму беше далеку порелаксирано за разлика од редовните дежурства. Со д- р Ајсел чие моминско презиме е Азизоска говоревме за нејзиното детство во Охрид, поминато во славната Карабего маала каде заедно растеле Македонци, Турци, Албаници без да се разликуваат во детските игри по улицата „Даме Груев“ и по широките зелени бавчи во време кога за компјутер и не знаеле.- Ќе отидев дома мајка ми ќе ми натопеше лепче со шеќер, гризни и трчај пак кај децата. Имав безгрижно детство и почитувани родители од сите, и денес за нив со симпатии ми зборуваат оние кои што ги познаваа,вели д- р Ајсел.
Ни кажа дека од малечка сонувала да биде ова што е. На основното училиште „Григор Прличев“ се сеќава на една приредба на која настапувала и црвената марама околу вратот – Бев Титов пионер ни рече.
Интервјуто ја врати со мислите и во средношколските денови. Се потсети на класниот раководител – покојниот професор Ѓорѓи Кичеец кога на часовите по биологија кога ќе ја испитувал од милост и се обраќал со: – Ај Анамче, одлично Анамче еве ти петка. Запишувањето на омилениот Медицински факултет ни го прераскажа во еден здив. За да ги види резултатите од приемниот и дали е на списокот – тргнала заедно со татко и. – Обајцата цел пат до Скопје во автобусот молчевме – јас со моите а тој со своите грижи.-Кога се видов на списокот ми олесна. Ме чекаше напорно учење и многу откажувања од многу нешта само на време да се завршат студиите. Кога дипломирав ѕвонев радосна и се јави татко ми, само му реков: – Тато дипломирав. А тој мене- Нека ти е со среќа и доаѓај во Охрид.
-Тогаш не ни помислував да одам некаде надвор од Охрид. Кога сега би бирала можеби тоа би било Германија, ни рече д-р Ајсел.
И така биднало Ајсел се вратила во Охрид и цели пет години чекала работа и конечно по долго волонтирање и стажирање стигнала во единицата за Итна медицинска помош.
На терасата во хотелот „Горица“ од каде се простира најубавиот поглед на Охрид и Езерото д- р Зејноска ни зборуваше за животот на релацијата Струга – Охрид. Ни призна дека уште се чувствува охриѓанка и дека е вљубена во езерото и природата уште од времето кога на потегот од ПТТ до пристаништето научила да плива. Зборувавме и за работата како професор во Петтата приватна гимназија во Струга и за нејзиното ангажирање на средношколците медицинари барем нешто да им всади во сеќавањата за кои натаму во животот ќе се сетат дека го научиле од неа. Зборувавме и за многу ситни ама вредни нешта што го пополнуваат мозаикот наречен ЖИВОТ.
Д-р Зејноска омажена е во Струга и со сопругот Џело имаат две срциња како што таа ни рече синот Енис и ќерката Ајлин.Обајцата се веќе студенти. Отворено и искрено зборуваше за родителите кои за жал не се со неа и недостигаат како поткрепа. За немоќта да и помогне на сопствената мајка која починала од карцином а цела една година се борела со оваа опака болест. Ни кажа дека и денес избегнува ако е тоа можно да оди во посета на болни од оваа болест, зашто и е тешко кога ја гледа тагата во очите на болните. Според неа добар доктор е оној доктор кој сочувствува со пациентите. Недоминлива тема беа тешките дежурства заедно со колегите од Брза помош, за тоа како го надминува стресот и сочувствувањето со пациентите особено кога медицината не помага.
-Имам многу белези на срцево ,а ама настојувам тие белези да се залечат, лузните остануваат за секогаш, ама одам напред , ни рече Ајсел. Нејзиното одење напред и свесно бришење на лошите и тажни мигови секако е поврзано со семејството кое ја храбри и поддржува. Синот и ќерката се некаде на почетокот на студиите. Претходно накусо ни ја раскажа нејзината љубовна приказна и љубовта на прв поглед со нејзиниот сопруг и љубовта која сега во нивните години има многу други квалитети, како што ни рече доктор Ајсел.
Тука се и нејзините интересни одговори во што би можела да биде успешна ако не е во медицината, миговите на најголема радост и тага, што би сакала да ни соопшти после пет години и секако неодминливиот дел кафеаните, песната, природата, храната.
Музичкиот избор на д- р Ајсел Зејноска ќе не потсети на Оливер, Хулио, Тоше, Дадо Топиќ и неодминливата „Македонија“ како и на Наум Петрески за да се затвори кругот на релацијата Струга – Охрид и обратното.
Верувајте, вреди да се слушнат искреноста и нејзиното зборови од дното на душата.
Милчо Јованоски, Публицитет.мк