Проф. д-р Митре Аврамоски, предава група економски предмети на ФТУ во Охрид. Таму е уште од далечната 1989 година, а претходно работел во ИМП „Братство“ – Охрид.
Роден е во селото Куратица каде живеел само две години и подоцна многу ретко одел таму, сега речиси ништо не го врзува за тој крај. Оттогаш досега не менувал адреса, како што ни рече: – освем додека студирав во Скопје и бев војник – цели 62 години живеам на улица „Даме Груев“ во охридска Карабегомаала.
Со д-р Аврамоски разговара Милчо Јованоски:
Немал причина да заминува од таму. Тоа е имотот на неговите родители. Двете сестри му се омажиле и тој останал тука да живее со сопругата Благојка и трите нивни деца: Јован, Ивана и Симон. Најстариот син и ќерката веќе имаат свои семејства а од нив има три внучиња. И уште еден куриозитет тројцата негови наследници имаат завршено Економски факултет но различни насоки. И не само тоа Јован е д-р , Ивана м-р а Симон наскоро ќе магистрира на истиот факултет.
Во „Мојот живот, мојот свет д-р Аврамоски ни откри дека две години студирал Електро факултет за потоа да премине на Економски . Учел по 15 часа на ден и завршил во рекордно време, следела магистратурата, па се’ со ред.
Д-р Аврамоски е човек со многу анегдоти. Од онаа дека три месеци не влегувал во прво одделение во училиште, за потоа да надополни се’ и да биде еден од најдобрите во основно, до другата, дека судбината да се биде економист му ја одредил еден разговор кој тој го следел меѓу неговиот татко и нивниот пријател кој завршил Надворешна трговија во Белград и бил успешен, а тоа за младиот Митре звучело примамливо. Слична приказна има и во тоа зошто и како се решил докторатот да го одбрани во Загреб, додека фрчеле гранати и за ред работи кои му се менувале како на филмска лента. Впрочем како и на секој човек .
Ако го слушате интервјуто ќе слушнете како татко му, му нашол работа, за тоа која е улогата на Драги Рауник,кому и денеска му е благодарен, Селаедин Доко и Душан Татомир. Како го спасило познавањето на англискиот и анегдотите околу тоа како запишал докторат кај ценетиот и признат експерет и доктор по туризам д-р Борис Вукониќ на загрепското Свеучилиште и за тоа како успеал да додржи а да не каже дека веќе подготвува докторат а колегите му велеле дека е време да го започне.
Д-р Аврамоски вели дека не е човек кој експериментира , туку анализира и вели дека е рационален и не се препушта на случајот ништо.
Признава дека не е истиот од неговите 18 до овие 64. Сега е повеќе толерантен, воопшто не брза и остава ситуациите да созреат.
Зборувајќи за детството се присети на играњето фудбал, одењето пеш на плажа до Синдикалното „Орце Николов“ и за времето кога стигнале првите мотор Чезетки во нивното маало.
Музиката која го следи во животот разбирливо се врти за времето од младоста, до студиите во Скопје и времето на журките.
Еден дел од разговорот е посветен на неговите десет години минати во „Братство“ честите патувања низ тогашна Југославија,времето на Анте Марковиќ а потоа и за дружбата со колеги на ФТУ во Охрид. Неговите: Ацкоски, Бунатшески, Миладиноски, Тоновски, Мариноски, Целакоски, Танески и ред други.
На крајот обично зборувавме за семејството и за тоа каков е неговиот однос кон внуците и зошто не би го напуштил Охрид.
Публицитет.мк