Во рамките на проектот „Роднокрајни критичари“ работен во соработка со НУ Библиотека „Григор Прличев“ во 2012 авторот Милчо Јованоски го реализира и интервјуто со д-р Пирузе- Тасевска. Во рамките на серијалот МОЈОТ ЖИВОТ, МОЈОТ СВЕТ ова интервју прв пат е објавено во целост.
Со клик на линкот подолу слушнете го интервјуто во целост:
Виолета во Охрид ја познаваат како една од двете ќерки на познатиот Петре Пирузе – Мајски. Д-р Пирузе-Тасевска е родена во Белград 1950 година.
Во разговорот д-р Виолета Пирузе – Тасевска одблиску не запознава со нејзините сеќавања сврзани со татко и’ животот во Охрид и охридските корени. Со неа разговаравме и на низа општо временски теми сврзани со литературата, животното искуство…
В. Пирузе – Тасевска живее во Скопје а на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Катедрата за македонска и јужнословенски литератури беше професор по нова српска литература.
Интервјуто е снимено во нејзиниот тогашен кабинет со број 126. Пред него не бев јас , туку некои други студенти, вели авторот Милчо Јованоски.
-Охрид за мене е една убавина на која човек не може а да не се наврати. Таму живеат многу за мене драги и мили луѓе и со Охрид не само што сум врзана семејно и роднински, туку таму имам многу пријатели. Драго ми е што ме сметате и за автор кој произлегол по своите корени од Охрид. Точно, јас сум дел од Охрид особено во летата за време на распустот, но сум дел и од еден друг духовен феномен. Пораснав и учев основно во Белград – Србија и не случајно цел живот работите ми одеа по линијата на македонската и српската книжевност која ја предавам на 35 години на Филолошкиот, овде во Скопје, вели д-р Тасесвка.
Зборувајќи за разликата во студирањето и односот кон литературата на студентите некогаш и денес д-р Пирузе – Тасевска ни рече дека е сосема изменет. Младите на кои им се достапни Интернетот и целата техничка револуција за жал малку читаат книги и ние мораме сепак од нив да го извлечеме максимумот кога ќе дојдат на факултет, додава таа.
Ни призна дека по враќањето од Белград во Скопје и било тешко од охридскиот дијалект да премине на македонски литературен јазик, но и дека тоа успешно го совладала.
Во интервјуто за својот татко Петре Пирузе – Мајски вели дека вистинска негова рехабилитација не е направена, особено политичка и морална. – Некои се’ уште Пирузе сметаат дека е државен непријател. На Голи оток е однесен од функцијата судија на Врховниот суд во Белград во тогашна Југославија. Без докажани факти туку со „вистини“ кои не биле проверени.
Мајка ми ни велеше татко ви е на службен пат, а јас и сестра ми само насетувавме дека не е баш така, ни рече Пирузе – Тасевска. Татко ми се сметаше за комунист и револуционер и по Голи оток тој беше разочаран од луѓето, но не и од идејата за комунизмот.
Навраќајќи се на охридските корени на семејството Пирузевци Виолета го спомена и нејзиниот прадедо Димитри Пармак опеан во песните а кој бил роднина на семејство Прличеви, а за мајка и рече дека потекнува од познатата охридска фамилија Котлар.
Подоцна Прличев и неговата Автобиографија д-р Пирузе ги истражувала од повеќе аспекти.
Кога требало да запише факултет не се двоумела дека тоа ќе е Филолошки иако татко и ’ потајно сакал таа да запише Правен.
-По дипломирањето не влегов брзо и лесно на факултет и покрај високиот просек, ни рече д-р Виолета. Две години бев новинар во Скопската рубрика во Нова Македонија, таму го имав за учител покојниот Гроздан Попов. Тогаш осетив дека новинарскиот леб е горчлив и рискантен. Попов често ми велеше Виолета ти имаш академски стил ослободи се од него, но тој стил добро ми дојде кога влегов во професорските води, ни призна д-р Пирузе – Тасевска.
И љубовта на нејзиниот живот е од Охрид , од семејството Тасевски иако вели дека љубовта им било охридско – скопска. Имаат две ќерки и ја почитува максимата дека со здравјето и семејството човек не треба да се фали.
Д-р Пирузе – Тасевска магистрирала на тема „Митови и митолошки елементи во македонските народни приказни“, а докторирала на „Тематски и идејно-естетски приближувања и спротивности на романтизмот во српската и македонската литература“. Учествувала на многу еминентни научни собири во Република Македонија, СР Југославија и пошироко, а голем број стручни и научни трудови објавува во земјава и во странство. Книгата „Толкувања и вредности“ (студии и есеи од српската и македонската литература) е објавена во Скопје, 1997 година, а во печат е нејзината обемна студија, монографијата „Мит – Приказна“.
Досега има објавено над стотина трудови, критики , студии и есеи во кои се опфатени автори од српската и македонската литература.
Публицитет.мк