Трет гостин во култниот аудио серијал „Мојот живот, мојот свет“ е легендата на македонската забавна музика Драган Мијалковски.
Разговорот е снимен на 31 август во „Аквариус“ и денес ви предлагаме да го слушнете првиот дел. За оние помладите еве уште куп податоци за да осознаат за каков изведувач се работи.
Со клик на линкот подолу слушнете го интервјуто во целост:
Драган Мијалковски некогаш жареше и палеше по македонските и тогашните југословенски фестивали на забавни мелодии. Без него не се можеше. Победуваше најмногу во Скопје, но се китеше со награди и популарност и преку настапите во Белград, Загреб, Сараево, Сплит и Опатија…
Зад него се илјадници концерти долги турнеи и настапи на фестивали и многу песни кои слушателите и денес ги обожуваат, пеат и сакаат одново да ги слушнат.
Неговото златно време на естрадата беше помеѓу 70 и 80 години од минатиот век.
Драган Мијалковски роден е 1950 година и зад себе има долга кариера од над педесет години. Почна со забавната , се сврте кон народната а компонира и детски песни.
Нашите повозрасни слушатели сигурно ќе се израдуваат кога ќе го слушант нивниот омилен пејач а помладите ќе се запознаат со еден естраден уметник кој и на почетокот на осмата деценија не се предава и со сета душа зборува за музиката и тој во неа.
За тие негови времиња, за почетоците и детството за кое малку јавноста знае, за растењето во Скопје, првиот настап во живо, првата снимка, омилените песни и како настанале дел од нив и за тоа како ги минува пензионерските денови (од пролет до доцна есен) во Подмоље во кои вели дека има премногу време за компонирање и неговата љубов музиката , со Драган Мијалковски разговараше Милчо Јованоски.
Публицитет.мк