Душко Ѓоргон е фото – хроничар на Струга и жива енциклопедија. Роден е во Струга пред 77 години и цел живот го минува преминувајќи од едниот на другиот брег на реката Црн Дрим.
Со клик на линкот слушнете го интервјуто со Душко Ѓоргон. Автор и водител: Милчо Јованоски
Од времето на Народна техника
До три години живеел во куќата која е сега негова а има чудна историја и во која сега живее со своето семејство веќе 4 децении. Но најголем дел од детството и младоста поминал во куќата на татко му во непосредна близина на Музејот Незлобински.
Дуќанот кај х. Београд
Со многу емоции и љубов зборува за себе своето семејство и предците чии корени влечат од селото Горна Белица, што велат асли Власи по дедо му од татко се разбира и баба му од семејството Аџовци, Македонка од срцето на Струга. Во тоа време најчесто Власите се мажеле и женеле со Власи. Па дедо му како што ни рече Душко бил покажан со прст.
Душко детство и младост
Душко има уште еден брат и сестра. Тој е средниот во семејството. Зборувајќи за себеси Душко ни раскажа за времето поминато во Народна техника. Таму од мал одел во хангарите со кајаците а како деветгодишен започнал со фотографирањето. Во тајните на оваа уметност го внесол Митко Добревски а подоцна уште во 1953 станува чирак кај Ставре Попов кај кого учеле и охриѓаните Благојче и Јонче Поп Стефанија. Оттогаш почнува љубовта и дружбата со фото апаратот, се’ до пензионирањето.
Со колеги фотографи на СВП
Потсетувајќи се и слушајќи музика од тоа време од раните педесетти, па наваму Душко ни раскажуваше безброј анегдоти. За игранките во Струга во Младинскиот дом во кои секој викенд доаѓале и охриѓани, за фотографирањето по плажите и како тоа усепевал да ги измами девојките да се фотографираат и низа анегдоти сврзани со неговите контакти со сите естрадни ѕвезди и политичари од тоа време . Посебно како интересни ги издвои средбите со Тереза Кесовија и Габи Новак, поетот Евгениј Евтушенко од кого продал рекордни 300 фотки.
Габи Новак во Струга
Со Јонче Христовски и другарите
Не изостана и приказната за тоа како во својата 42 година се предал и го заменил ергенлакот и се оженил со неговата Лиле од Свети Николе. Тие во бракот ги имаат децата Никола и Светлана кои од лани веќе имаат свои семејства и свој пат во животот , поминат и во неговите фотографски дуќани. Најголема радост засега му е раѓањето на внуката Амелија а тагите му се сврзани со загубата на пријателите и другарите кои сега ги брои само на една рака.
Со децата Никола и Светлана и сопругата Лиле
Душко е хроничарот на Струшките вечери на поезијата и во својата колекција ги има портретите на сите добитници на престижниот „Златен венец на поезијата“ се’ до 2011 година кога во рамките на поетскиот фестивал ја има втората изложба на таа тема.
Од свадбата на ќерката
Со внукот од сетра Љупчо Жупан
Одамна е пензионер но фотографирањето не го откажува и деновиве излегол на Водици да го овековечи празникот и осветувањето на реката. Интервјуто содржи низа негови носталгични сеќавања за минатото и животот во Струга.
И да не откриваме се’ само да ви кажеме дека неговото домашно фото студио сега е мал музеј на фото техника, апарати, многу пејзажи од Струга која веќе ја нема, низа портрети и негови графики кои ги црта според своите фотографии.
Публицитет.мк