На 10 ноември во Охрид, во 83-та година од животот почина Есад Бајрам, истакнат писател и преведувач од турската националност во Македонија. Посмртните останки на Есад Бајрам беа погребани во Охрид. Интервјуто кое го ре- објавуваме во негова чест и сеќавање за прв пат на Публиците.мк беше објавено на 26 мај годинава- три дена пред неговиот роденден.Интервјуто, всушност е реализирано во 2010 година како дел од проектот Роднокрајни автори на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и тогаш беше прв пат јавно емитувано.
Есад Бајрам е поет,раскажувач , преведувач и публицист од турската етничка заедница во Република Македонија. Роден е во Охрид на 29 мај, 1934 година.Завршил Виша педагошка школа во Скопје.Член е на друштвото на писателите на Македонија од 1987 година.
Со клиук на линкот слушнете го интервјуто со Есад Бајрам. Водител е Милчо Јованоски
Неговите претци од Турција дошле во Македонија. Есад и денеска се гордее што тие не биле освојувачи туку камилари. Всушност тие носеле храна за војската. Неговиот прадедо се населил во Пештани а татко му и тој се родени на Мазија во Охрид. Мајка му живеела на Имарет. Бајрам е најмалиот во семејството од уште 2 браќа и една сестра.
Есад Бајрам зборува за себе, за детството, образованието, учетителствувањето и директорувањето во ОУ „Братство – единство“ во Охрид. Има дел за семејството, сопругата , ќерките и внуците.
Не потсети дека првите стихови ги напишал во почетокот на шеесеттите од минатиот век во „Млад борец“ и „Бирлик’
Искрено вели дека има два мајчини јазици – турски и македонски. Преку творештвото и поезијата го прошетал светот. Есад сега живее во Охрид.
ЕСАД БАЈРАМ – БИОГРАФИЈА
Автор е на книгите: Плетенки ( поезија , 1978 ), Буквар и срце ( поезија, 1979 ) , Дневни прошетки ( поезија , 1981 ) ,Бажадарина ( поезија , 1982 ) , Дете во години ( поезија , 1982 ) , Вечерни прошетки ( поезија 1986 ), Аливели ( раскази,1990 ), Палата на душата ( поезија , 1989 ) , Ѕвездени бакнежи ( поезија за деца , 1993 ) , Диван ( поезија , 1995 ) , Пеливани во кујната ( раскази , 1996 ) , Весели деца ( поезија , 2001 ) , Исповед на поетот ( записи и статии , 2008 ) , Очите вечерни зелени ( поезија, 2010 ). Во самоварот на животот.
Бајрам добил награда од поранешниот турски претседател Сулејман Демирел награда за придонес во афирмацијата на турската литература во светот.
По повод Светскиот ден на преведувачот 30 септември во 2012 година Друштвото на писателите на Македонија на книжевниот преведувач од турската националност во Македонија, охриѓанецот Есад Бајрам му ја врачи Повелбата “30 Септември“ што се доделува на истакнат македонски книжевен преведувач за долгогодишна успешна преведувачка активност.
Во 2016 година една од литературните средби организирани од страна на Институтот Јунус Емре во Скопје беше одржана презентација на турскиот писател од Македонија Илхами ЕМИН кој ја вреднуваше личноста и делата на Есад БАЈРАМ.
КУС ИЗБОР ОД ТВОРЕШТВОТО НА ЕСАД БАЈРАМ
ОЧИТЕ НА НОЌТА
Како облак летнат
на врвот на една планина
вечерва мојот нос
на телото ми се обеси
темницата исчезна од градот
со неа и зелените очи на ноќта
кои во витрините
на цените се залепија.
Од дамнина знаев дека
вратата на соседот има очи
и своја тајна,
ама дека и ноќта има очи
дури при вечерашнава прошетка дознав.
Сето тоа во срцето чука
и една луња животна си заминува.
ЅВЕЗДИ
Вечерва ѕвездите шетаат во езерото
крај езерото дувка ветер
во мене се множат чувствата
душата сака да ја види вистината
ѕвездите што шетаат окото не ги гледа.
Има поговорка која живее кај народот
„лицето на вистината да го видиш ’.
Вистината се сместила во амбарот,
во нивата не можам да ја засадам
дедо ми нивата ја продал
во нивата свадба прават кртовите.
Дедо ми се родил со отворени очи
штом се родил почнал да намигнува
со време кон небото гледал со затворени очи
татко ми сирак го ставивме в гроб
јас сум споменикот на денешницата.
НЕКОГАШ
Јас
Некогаш
Полна куќа
Имав
Со жената
Разговарав
Со децата
Играв
Во душава радости
Имав.
КАФЕЗ
Во кафезот
на моето срце
Сонцето и славејот
се сместени,
сонцето грее
славејот пее
а јас
со самотијата
се расправам.
ПРИЈАТЕЛ
Пријателот
Со пари
Не се купува .
Со срце.
ПРОШЕТКИТЕ НА ЅВЕЗДИТЕ
Едно шише тесно
го наполнив
со водата на денот.
Во постелата
на срцето
лицето на трендафилот
го сместив
и го успав.
А јас,
прошетките на ѕвездите
ги посматрав.
Од стихозбирката „Очите вечерни зелени “ издадена 2010 г.
Публицитет.мк