Новата, трета сезона од аудо серијалот „Мојот живот, мојот свет“ ја отвораме со музички гости – „Езерки“ и 7/8.
Женскиот вокален етно состав „Езерки“ и оркестарот 7/8, кое е дел од Хрватско-македонското друштво од Загреб, Република Хрватска, во организација на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, изминатиов септември одржаа концерти во Тетово, Охрид и Скопје, во чии рамки беше прикажан и документарниот филм под наслов “Лудуваме за Македонија”.
Со клик на објавата подолу слушнете го аудио интервјуто во целост. Автор и водител: Милчо Јованоски
На 18 октомври по нивниот голем концерт во познатата концертна сала „Лисински“во Загреб која во изминативе 22 години неколку пати ја полнат до последно место и со многу позитивна енергија, во еден од загрепските портали новинарот Зоран Тучкар напиша:
„Ако некој во друштвото ја каже синтагмата „славонска свадба“, речиси сите ќе знаат што значи тоа. Етно составот „Езерки“ и нивниот оркестар 7/8 од душата и прилично успешно се борат на хрватската публика да им стане појасен поимот „ македонска музика. Каква врска имаат славонската свадба и македонската музика?! Нивната сличност дојде до израз во салата Лисински при премиерата на филмот „Лудуваме за Македонија“ и по концертот кој следуваше по премиерата на документарецот. Славонска свадба е синоним за мошне добра забава со одлична храна, пијалаци и песни. Македонците, за оние кои уште не знаат , сакаат добро да јадат, да се напијат, да се дружат, да запеат и да заиграат. Некој е странец во друштвото?! Нема проблем до крајот на вечерта ќе биде посвоен како децата на Анџелина Џоли. Некој не ги знае песните? Нема проблем до крајот на вечерта ќе ги знае,“напиша Тучкар.
Всушност филмот „Лудуваме за Македонија“ зборува за формирањето на „Езерки“ во 1995 на иницијатива на нашата прва соговорничка во „Мојот живот, мојот свет“ Лена Џапиќ и за музичкиот состав 7/8 создаден во 1999 година . „Езерки“ и 7/8 во мигов имаат најмалку Македонци, тие се група од луѓе кои немаат македонски корени, но кои сакаат да се дружат и да ја истражуваат македонската музика.
Во Охрид, септември 2017 г.
Клучниот настан во развојот на хорот „Езерки“ било доаѓањето на талентираниот виолинист Бруно Урлиќ тој им дал нов ветар во едрата и стимул за работа. И Урлиќ е наш соговорник во првото издание на аудио серијалот „Мојот живот, мојот свет“.
По концертот во Охрид
„Езерки“ и 7/8 зад себе имаат пет музички албуми и едно ДВД издание. На албумите имаат заеднички песни со: Тоше Проески, Калиопи,Бодан Арсовски, Радојка Шверко, Раде Шербеџија, Лука Нижетиќ, Зоран Предин…
Пред охридскиот концерт разговаравме со уште три членки на „Езерки“
Тие како и Лена и Бруно зборуваат за поврзаноста со Македонија, емоциите кои ги доживуваат додека пеат на македонски, за бескрајните дружби, патувањата, концертите, за себе и за семејствата. И сите до еден признаа дека музиката е дел од нивниот живот.
Публицитет. мк