Вечерва, петок 14 јуни проф. д-р Гоце Џуклески со голем концерт во неговото родно Лескоец ќе одбележи 40 години музичко творештво и 60 години живот. На авторската музичка вечер во Домот на културата од 20 и 30 часот на сцената ќе се појават редица негови успешни соработници со кои освојувал награди на фестивали и правеле и песни и ора кои се обнародиле и станале дел од македонското фолклорно наследство.
Со Џуклески на сцена ќе бидат: Сузана Спасовска, Милица Кузмановска, Мирко Вретовски, Кирил Белистојаноски, КУД „Фолклористи“, неговиот колега по хармониката Сашо Ливирински и ред други.
Во чест на овој голем авторски јубилеј Публицитет.мк го репризираме аудио интервјуто со Гоце Џуклески премиерно емитувано на нашиот портал на 31 декември 2016. Со Џуклески разговара Милчо Јованоски.
Гостин во „Мојот живот, мојот свет“ д-р Гоце Џуклески, национален координатор на Националниот координативен центар за гранично управување, универзитетски професор, хармоникаш и композитор.Негова девиза е „Дела а не зборови“ и некои за него велат дека е двајца во еден а тој вели дека е тројца во еден. Ги сака трите професии но признава дека меѓу музичката фела се чувствува најкомотен.
Препознатлив код му е песната „Мој мераку“ во изведба на Милица Кузмановска. Зад него се многу фестивали и награди како и 16 ЦД со авторска музика.
-Гените се во прашаше најверојатно кај нас музиката – хармониката како да е семејна традиција ни раскажа Гоце.
Зборувавме за детството и средношколските денови минати во Охрид , се потсети на првата хармоника која татко му му ја купил по еден службен пат до Струмица. Во интервјуто ќе чуете што му значат на Гоце „Билјана платно белеше“ , „Ларината песна“ зошто ги сака АББА и Демис Русос.
Зборува за студиите на Правен за разните свирки со неговата неизбежна хармоника,уште како основец, за првото диско, за членувањето во Фолклорната група во Лескоец па во оркестарот на АКУД „Мирче Ацев“ во Скопје за турнеите и настапите, како и за дружбата со музичарите и пејачите.Почнувајќи од Сузана Спасовска преку Милица Кузмановска, до Мишко Крстевски, покојниот Војо Стојановски ги споменува и Ванчо Тарабунов и ред други музичари, аранжери и пишувачи на текстови со кои заедно создава нова македонска музика и песна,ама строго држејќи се до традиционалната македонска музика.
Кога има ден – два време доаѓа во Лескоец по охридските кафеани дружи со речиси сите музички тајфи. На музички план соработува со неговиот братучед Мирко Вретовски,со Ристе Наумоски со кого настана култната песна за Водици па со Кирил Белистојаноски, со внукот Наум Џуклески и ред други.
Во речиси сите негови песни преовладува љубовта за која смета дека е двигател и извор на животот. Неговата музика е препознатлива и вели дека најчесто прво тој пишува музика па бара други да напишат текст и така со ред. Горд е на своите деца Филип и Симона. – Обајцата ја сакаат музиката,а Симона и пишува текстови на мои мелодии, вели Гоце.
Д-р Џуклески е роден во селото Лескоец, познато по јагодите и црешите. Основно завршил таму, а средно учел во охридската како што вели некогаш најсилната Гимназија во Македонија и поранешна Југославија. Од Охрид заминува на свои 18 години се запишува на Правниот факултет во Скопје и оттогаш негова дестинација за живот, работа и творештво е Скопје. Магистрира и докторира. Прво се вработува во МВР каде со текот на годините како професионалец и човек од кариера работи на повеќе позиции. Во меѓувреме е и професор како што вели на неколку факултети, а студентите во една пригода го избрале и за најомилен професор.
Гоце на работно место
Ред разговор и ред музика . Емисијата е снимена два дена пред дочекот на Новата 2017 година и оттука ќе доминира и авторската музика на Гоце композиторот и хармоникашот.
Скромен е посакува само здравјето да го служи вели дека желба му е Наум Петрески да отпее негова песна, а длабоко посакува во Охрид наскоро да одржи концерт и на концертот неговите соработници – пејачи да ги отпеат неговите најубави македонски песни.
Публицитет.мк