Со она што досега го има постигнато на прагот од третата деценија Горан е веќе на листата на успешните кои потекнуваат од Охрид и се наша гордост и заслужуваат медиумска поддршка.
Со Горан Папаз разговараше Милчо Јованоски:
Во интервјуто кое изобилува со спонтаност, искреност и љубов од секој вид зашто најзаслужен е соговорникот Папаз, речиси секој трет збор е сврзан со неговата безмерна љубов кон музиката, инструментот саксофон, експериментирањето во музиката, детството, младоста, другарите, професорите…
Започнал со кларинет за саксофонот малку подоцна да постане негова љубов.
Вусшност како што ни рече Папаз нему најбитна му е љубовта кон музиката независно на кој инструмент таа љубов ја пренесува. Во интервјуто се сети на една случка која е рамна на анегдота, оди вака:
-Кога се запишував во средно музичко во Скопје само пет – минути бев разочаран што не сум во класата на идни кларинетисти, бидејќи кларинетот мислев дека ќе ми е придружник цел живот. Тоа траеше кусо до мигот додека не сфатив каков инструмент ќе свирам и каков нов свет тој ќе ми донесе во мене и крај мене. Мајка ми кога се враќаме во Охрид во автобус ме праша: Дали си разочаран? И реков: -Мамо и на шупелка да ме примеа да свирам ќе бев среќен. Ми беше важно само јас да бидам музичар и да влезам во светот на музиката.
На прашањето дали може да живее во тишина, Горан со насмевка одговори – И тишината, заедно со паузата е дел од музиката. На секој човек му е потребна тишина и мир. Не сакам премногу тишина и мир ама премногу гласната музика создава стрес,а мозокот секому му бара одмор.
Папаз со она што го постигнал со своите 29 години е задоволен, како што ни рече не гледа материјално на нештата. -Сепак музиката е уметност и не треба да се мери во финансии, туку на неа треба да се гледа како на лична сатисфакција и од тоа како те прифаќа народот. Вистина е дека не можеш да живееш целиот живот од браво и тапкање по рамо, но мигот кога те застануваат луѓе и ти велат дека тоа што го работиш е многу убаво и дека треба да продолжиш нема цена со која може да се купи.
Горан Папаз прв на овие македонски простори компонира и изведува музика специјално изработена за саксофон а во тој креативен чин ја има несебичната поддршка од композиторот и продуцент Александар Масевски.
Папаз спонтано ни ја раскажа приказната за започнатата соработка со Масевски и копајќи по корените заедно дошле до податокот дека мајките им се во некое роднинско, старо кумство. И како шлаг на дружбата дошло и признанието на Александар дека саксофонот му е неостварена желба и сон.
-Убаво е кога ќе ми кажат светско а наше, ми годи, но имам уште многу да се докажувам, а понекогаш тој епитет му прави товар на патот кон успехот, вели Горан.
Зборувавме за популарноста, љубовта, девојките, соништата, очекувањата, но и за убавиот период во кој сега твори и живее, како и за неговата задача да биде одличен професор по музика во Основното во неговото Пештани, како и во Средното угостителско во Охрид.
Ни раскажа за чувството кое го има кога како професор по музика ја има во училницата пред учениците, за љубовта кон нив и напорите да ја спушти музиката да ја разберат и за миговите кога учениците го гледаат на ТВ, во медиумите, на сцената како настапува. Чувствува дека децата се горди што учат од некој кој успеал во сопствената професија. Горан ни го откри и рецептот за идеален училиштен час по музика, а по интервјуто кое го завршивем пет минути до првиот час брзаше да ги напише најновите оценки.
Со музичар без музика работата не ја бива – музичкиот избор низ интервјуто претставува само дел од творечкиот ангажман на Горан Папаз почнувајќи од онаа симболичната, која како што ни рече била пресвртница за се’ потоа „Разбуди се“ до последната соработка која предизвика лавина позитивни реакции на адреса на тимот Папаз, Масевски и Нина Јанева.
Горан Папаз, роден е во Охрид во 1987г, како што вели во болницата во Охрид, со матично живеалиште во Пештани. По татко е од Пештани,а мајка му од Велестово.- Имам и сестра се вика Славица. Таа е повозрасна од мене по професија е дефектолог омажена е во Скопје и кон крајот на мај ќе станам вујко, ни рече Папаз. Напомена дека од двете страни на родителите „украл “по нешто во гените зашто музиката и кај едните и другите била составен дел од животот.
Првите знаци дека ќе биде музичар ги дешифрирал познатиот виолинист Зоран Џорлев кој летувал во нивната куќа кога тој имал околу пет години и оставил аманет на мајка му кога ќе дојде време да го запишат Горан во музичко. Мајка му не заборавила и така тргнало се’.
Заслугата за она што е денес тој им ја благодари на родителите Велика и Лазе но и на првиот педагог во музичкото во Охрид – кларинетистот Трајче Темјаноски и саксофонистот Зоран Крагуевски во средното музичко во Скопје,а дипломирал во класата на професор Стојан Димов.
Кругот, вели Горан се затвори на интересен начин. Мојот професор Трајче подоцна беше професор во средното угостителско,па по неговото пензионирање јас дојдов на неговото место,а неговата сопруга сега е директор на училиштето.
Речиси половина од животот Папаз го минал во Скопје надвор од своето родно Пештани за кое е врзан ама вели дека не робува на стегите – таму каде што ќе му се отвори среќата , ќе сака и ќе може, таму ќе продолжи да живее,а можеби и тука на истото место, зашто како што вели сега технологијата ти дозволува се’ не мора да си во центарот ако си квалитет да успееш и да се пробиеш.
Горан Папаз е активен соло саксофонист и поранешен член на групата Суперхикс и тој период има свое поглавје во интервјуто.
Настапувал низ Велика Британија, Германија, Италија, Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Албанија, Хрватска, Австрија, Словенија, Романија, Чешка…
Папаз постојано менува и експериментира во мигов на охридските подиуми настапува заедно со Емилија Маринова и Филип Стојкоски – Зизи, но често е и со останатите музичари кои заеднички си даваат сила и се поддржуваат.
Ни рече дека ова му е прво интервју од овој формат и дека сме го нашле во можеби најубавиот и најкреативниот период досега и дека му било мошне пријатно.Тој истовремено не заборави да ни каже дека е бескрајно вљубен во Емилија која е од Струга и ја спомена онаа народната се’ ќе дојде на свое место кога капачето ќе го најде тенџерчето или обратното, мислејќи на нив обајцата.
-За се’ може компромис,ама музиката ми е на прво место, сите кои ми се блиски и драги го знаат тоа, ни рече Папаз.
На разделба не и изостана прашањето што би сакал по пет години во ново интервју да ни каже дека му се случило?
Слушнете – одговорот е интересен …