Гордана Лолеска е мајка на три деца: Емилија, Андреј и Давид, жена борец.
Лолеска живее во Охрид и е поттикнувач за издавање на првата поштенска марка во светот, токму во Македонија посветена на децата со ретки болести. Таа е активистката на здружението „Живот со предизвици“ фокусирано на лицата со ретки болести кај нас.
Со Гордана Лолеска разговара Милчо Јованоски
Со Гордана во „Аквариус“ разговаравме за неа, за нејзиното детство и младост, за основното поминато во “Григор Прличев“ за средношколските денови во Економско и разните стекнати друштва уште од детството на улица „Галичица“ каде одамна не живее ама мирисот на зградата и сеќавањата и неа и на нејзините родители и денеска ги следи.
Гордана ни раскажува за безгрижното време и за нејзиниот обид да работи како маркетинг агент во раните деведесетти во единствената тогаш локална ТВМ.
Токму тие контакти со луѓето и комуникативноста сега и помагаат и го отвораат патот кога секојдневно контактира со светот и им помага на луѓето со ретки болести со совети, упатства и слично. Најчесто преку социјалните мрежи и уште повеќе со настаните кои изминативе три години зачестија и се поддржани од сите во Охрид.
Гордана зборува за раѓањето на децата, за работата во Македонски пошти и одговорноста која како шалтерски работник ја има и за концентрацијата со која треба да се работи а насмевката и покрај се’ треба да ја краси.
Во ова интервју има место и за голготата која ја минувала,со трите деца, за помошта од нејзините родители на кои сега им возвраќа со љубов и грижа како единствено нивно дете.
Гордана отворено зборува и за најтешките мигови кога по разводот животот, како што вели и удрил уште еден шамар по лице. По над една деценија конечно ја дознава дијагнозата за ретката болест за едно од нејзините деца и така тргнува новото патешествие, кое трае.
Нејзина најголема и единствена желба е што поскоро да го види лекот за Алпорт синдромот на ОРФАН листата за лекови за ретки болести.
И на крај таа не мирува преку министерството за здравство граби напред во акцијата за органодарителство во Македонија.
Во првото интервју од четвртата сезона на серијалот „Мојот живот, мојот свет“ со Гордана Лолеска и водителот Милчо Јованоски ве очекува искреност, отвореност и дузина песни по желба на гостинката.
Публицитет.мк