Иван Доровски е македонски и чешки поет, книжевен историчар и теоретичар, преведувач, антологичар и македонист.
Иван Доровски е роден во с. Чука, Костурско, Егејска Македонија на 18 мај 1935 година. По преселбите на децата бегалци од Егејска Македонија од 1948 година живее во Чешка Република. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Брно, каде ја одбранил кандидатската дисертација „Рајко Жинзифов и руската и украинската литература“.
Toj e dоктор на филолошките науки. Професор по Литературна историја на балканските народи на Филозофскиот факултет во Брно.Со д-р Доровски се сретнавме лани во јуни на педесеттиот – јубилеен Семинар за македонски јазик , литература и култура.
Со клик на линкот подолу слушнете го интервјуто во целост. Со д-р Доровски разговара Милчо Јованоски:
Д-р Иван Доровски од Брно учествувал на првиот семинар во 1968, а и лани беше во Охрид. Тогаш бил асистент по македонски академски јазик, држел лекторски вежби во Чешка, а сега е пензионер: „Мојот драг пријател, поетот Гане Тодровски, беше првиот кој ме извести преку писмо дека во Охрид ќе се отвора семинар. ‘Ќе го води Спасов, јави се и дојди’, ми напиша. Со Гане се запознавме четири години пред тоа, кога тој како млад поет дојде во Прага. Меѓу предавачите на првиот семинар беа и Видоевски, Поленаковиќ…”
Доровски се сеќава дека меѓу учесниците на првата година била и Зузана Тополињска од Полска, која и денес е активна во МАНУ. „Нема народ без јазик. Ако не постои јазикот, не постои и народот. Секој народ што сака да опстои мора да го развива јазикот. Треба да го шири по светот. Не смее да се заборави дека од лингвистичката карта годишно исчезнуваат 200 до 250 јазици“, додава Доровски.
Во својата научно – истражувачка кариера д-р Доровски бил Главен и одговорен уредник на списанијата „Универзитас“ и „За пријателите на Јужните Словени“. За член на МАНУ надвор од работниот состав бил избран во 1979 година. Тој е почесен член на ДПМ. Автор е на книгите: Чешка и Македонија меѓусебни врски (1974), Константин Иричек живот и дело (1983), Речник на словенски писатели (1984), Рајко Жинзифов (1988), Студии за балканските литературни процеси во 19. и 20. век (1992), Балкански меѓулитературни врски (1993), Драмското дело на Мирослав Крлежа (1993), Чешко-македонски и македонско-чешки речник (1994), Балкане љубов моја (поезија, 1994), Драмското творештво на Јужните Словени (1995), Рајко Жинзифов (Скопје, 1995), Македонија (1995), Уметничкиот лик на Врацлав Фролец (1995), Хрватите живеат меѓу нас (1995), Фолклористички студии (1996), Балкан и Медитеран (1997), Македонците живеат меѓу нас (1998). Составувач е на антологијата Современа македонска поезија на чешки јазик. Во посебна книга е објавена Библиографија на Иван Доровски (Брно 2000).
Во аудио интервјуто д-р Доровски зборува за себе, за детството минато во Егејска Македонија и депортацијата во тогашна Чехословачка за спојувањето на семејството , за својот живот во Брно и за тоа дека се надева дека некој од неговите внуци кои се се’ уште гимназијалци да ја продолжи врска со македонистиката меѓу Чешка и Македонија.
Публицитет.мк