Втор соговорник на уредникот и водител Милчо Јованоски во осмата сезона од аудио серијалот „Мојот живот, мојот свет“ реализиран во култниот „Аквариус“ му е авторката на романот „Солзите на сестра ми“ госпоѓа Лилјана Зашова.
Зашова, спонтано и истовремено одмерено зборува за растењето во Скопје и одговорот кој најчесто го дава кога ќе ја прашаат: Од каде си? – таа вели од Македонија.
Со клик на линкот слушнете го интервјуто во целост:
– Мајка ми е од Селци кај Дебар а татко ми прилепчанец. Се нашле во Прилеп бидејќи во тие виорни години семејството од мајка ми морало да бега од Дебар. Татко ми беше воено лице и уште на 8 месеци сум донесена во Охрид, можеби и поради тоа го сакам многу, со насмевка ни раскажува Лилјана.
Лилјана со родителите во Свети Наум
Овде во Охрид биле само две години и службата на родителот ги носи во Штип, Струмица и Кочани. Сите тие градови таа си ги смета за свои и затоа им кажува на луѓето дека е од Македонија. Токму љубовта со нејзиниот Благој почната во Кочани и ќе ја врати пак таму за заедно подоцна пак да се пронајдат и да запловат во брачните води и да живеат со двете ќерки Билјана и Светлана во Скопје.
Семејно во Букурешт
Лилјана ни раскажа низа анегдоти: зошто и како завршила право, за работата во поранешниот Извршен совет и за воспитувањето на ќерките и честите селидби и нови навикнувања поради животот со дипломатот од кариера – сопругот Благој Зашов. Стигна и споредбата на Французите и Романците и за некои пријателствата кои ги негуваат и денеска.
Лилјана во Букурешт со сопругата на кинескиот амбасадор
Со кафе за релаксација на само еден час пред промоцијата на нејзиниот роман во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид Лилјана ни раскажа и за своето хоби цртањето, кое го усовршила талентот во Романија и од кој и денеска не се дели , како и за времето кое сега најчесто посакува да го поминува со внуците:Елиза, Виктор, Дамјан и Александар и секако и за страста кон пишувањето.
Со професорот по уметност во Романија и пред создадените дела
Јованоски ја прашува за инспирацијата и решеноста да го напише романот, за животот на релација Охрид и таму каде што им се ќерките и внуците, но и за новите ракописи кои ги создава.
Во Стразбур 1995 г. пред македонската резиденција
– Цел живот пишувам , ни рече ама не се сметам за писател. Писателите се нешто друго. Јас сум автор само на еден прирачник од искуството што го собирав придружувајќи го сопругот во дипломатија , но во фиоките на моето бири има полно листови со напишани сеќавања и реминисценции од животот на моите родители и дури нешта од нашето секојдневие.
Во Каиро и на Нијагара 2002 и 2005 г.
„Солзите на сестра ми“ според промоторите е четиво кое се чита речиси во еден здив и не ве остава рамнодушни и додека работите нешто сосема друго, ве обзема неговата содржина бара да продолжите да ја читате книгата и долго да разговарате за пораките и вечните дилеми кои ги крие во себе.
Лиле со колегите од службите во Владата, денот кога замина во пензија во 2006 г.
Зашова со овој свој прв роман докажува дека оние кои имаат во себе пишувачка дарба а во нив тлее некоја животна приказна треба да го облагородат белиот лист хартија. Не само поради себеси и гаснењето на “пожарите“ во себе, туку, како нова научена лекција за другите. И да не ви откриваме се’
Промоција на книга во Кочани 2004 и во Охрид 2021 г.
Во „Мојот живот, мојот свет“ музиката е во избор на гостинката.
Публицитет.мк