За поп дивата Маја Оџаклиевска како за жена од естрадата речиси се’ се знае. Родена е пред 62 години во Скопје, растела покрај Вардар и стариот скопски театар. Мајка и’ била актерка татко и’ сликар и не е ни чудно што и во неа надвладеале уметничките гени.
-Уште по првата аудиција во Радио Скопје композиторот Љубомир Бранѓолица задоволен од мојот избор на песни кои ги научив по првата средба со татко ми ( родителите се развеле кога таа имала само две и пол години) не само што бев примена туку и добив алтернација со Нина Спирова. Ја пеев „Езеро мое“,тоа е моја прва снимка за Радио Скопје, вели Маја во интервјуто за Публицитет.мк податок кој првпат излегува во јавноста.
Дали животот и светот за Маја Оџаклиевска се едно? Слушнете во интервјуто што го води Милчо Јованоски
Потоа доаѓа првиот успех и наградата за интерпретација на Младинскиот фестивал во Скопје и на почетокот на седумдесеттите таа заминува за Белград. Нејзиното вистинско зачекорување на естрадата е на 16 години а отскочна штица и е некогаш популарната ТВ емисија „Максиметар“ . По што доаѓаат мјузиклот „Рабле“ и многу подоцна улогата на „Коштана“ и филмскиот обид на почетокот од осумдесеттите каде за улогата во филмот „Јужна патека“ на режисерот Стево Црвековски во Пула добива и награда.
Оттогаш наваму на нејзините обожувачи и проследувачите на музиката се’ им е познато. Од средината на седумдесеттите почнувајќи од Скопскиот фестивал таа пее на фестивалот Ваш шлагер на сезоната во Сараево, а на Белградска пролет 1979 ја пее песната по која и денеска ја препознаваат „Даљине“, следат фестивалите во Опатија, Загреб, Сплит, Цавтат…
Од времето на безгрижност и честите дружби со колегите од ЈУ естрадата
Во неколку наврати во тандем со композиторот Григор Копров таа беше на чекор до првото место на некогашните ЈУ избори за Песна на Евровизија зад себе има само два музички албуми и многу други фестивалски песни кои сведочат за нејзината кариера, хитови.
Интервјуто со Маја Оџаклиевска е правено неколку часа пред нејзината шоу програма на фестивалот „Охрид фест“ овој август и тоа на две локации пред хотелот „Александрија“ и во култниот „Аквариус“ таму ни продолжи дружбата.
Вечерта Маја на фестивалската сцена на „Долни Сарај“ прими награда за животно дело од страна на организаторот на „Охрид фест“
Преку аудио интервјуто слушателите овој пат ќе запознаат една нова, поинаква Маја – сосема спокојна, смирена и емотивно разгалена ( како езерото во кое без престан гледаше додека разговаравме).
Нејзините принцези- ќерките Теа и Андреа – некогаш
Се тркалаа сеќавања, како истоимената песна на Кире Костов чиј спот е снимен токму на пристаништето во Охрид . За тоа како и дали Маја се сеќава кога започнала нејзината соработка со Григор Копров. Ни раскажа како настанале редица нивни заеднички песни од „Дај, Дај Дај“ преку „Сребрени улици“„Јулија“ „Ники“, „Лиду ду“ до „Прости ми“ и „Не ме допирај за која Маја признава дека и е најдрагата песна во кариерата и дека во неа во текстот кој сама го напишала најмногу се препознава а и како и во другите и во оваа песна ја вложила сета своја енергија и емоции…
Од снимањето новогодишна програма за ТВ Нови Сад
Зборувавме за одењата и враќата во Македонија, за Белград како еден космополитски град…
За љубовта и вљубувањата за тоа дека со годините е се’ поспокојна и ни призна – Имав периоди во животот кога навистина копнеев по љубов , како во „Не ме допирај“ љубов што ќе остане.
За врските и заедничкото живеење со мажите во нејзиниот живот вели: – Двајца успешни луѓе можат да живеат само со толеранција .Јас правев компромиси но од сегашна гледна точка сфатив дека тие луѓе беа со мене, а не покрај мене,ако останеа и беа покрај мене – сигурно поарно ќе поминеа. Со мажите, со моите интимни партнери сме се разидувале. Бидејќи разделбите не беа болни и со кавга со сите нив, па и со нивните денешни сопруги сум во контакт,се слушаме и дружиме.
Маја пред настап со женски хор
За мајчинството, ќерките Теа и Андреа ни рече дека од малечки станале самостојни и дека и денес имаат одличен однос и дека се надвор од нејзиниот музички свет.
Маја, отворено зборува за мажите во нејзиниот живот, за Бора Чорба и нивниот заеднички живот од кои како спомен има и неколку негови песни, за турнеите и настапите по Јадранот и светот.
Се редат анегдоти,за заедничките турнеи со Здравко Чолиќ, Кемал Монтено, Оливер Драгоевиќ – за тоа како настанала „Што то беше љубав“ која подоцна и таа ја сними.
На една од прославите на белградското Накси радио со Жељко Бебек и другарка и’ Гоага Вериќ – Зуниќ
Ќе слушнете напати заразна смеа а богами и тешки воздишки кога Маја ги открива своите три најтешки периоди од нејзиниот живот и непомирливоста за болеста на нејзиниот внук Лука кој откако ја добил вакцината ММР по една и пол година од раѓањето станал аутистичен …
Маја староста ја чувствува како предност и не брза никаде има свои ритуали кои нејќе за ништо на светот да ги смени.
На прошетка до Калемегдан со колешките Јелена Томашевиќ и Бојаана Поповиќ екс Драшковиќ
Ни призна дека има желба да го запознае Кевин Костнер и дека професијата и дала шанса да биде во близина и контакт со многу познати лица од естрадата, политиката и шоу бизнисот на просторот низ поранешна Југославија и светот.
Маја со внукот Лука
Таа вели дека уште на почетоците пеела со години на разни места пред Тито, дури и песната „Македонско девојче“ а настапувала и пред Милошевиќ, Ѓинѓиќ, па сега и пред Вучиќ.
Освен нејзините песни во интервјуто содржани се и неколку нејзини музички желби ги посака Род Стујарт и Дијана Крал и ни откри дека не ги сака кафеаните дека ја претпочита тивката музика во која начесто ужива во нејзиниот потпокрив, уреден по нејзина замисла.
Момент на радост која не се опишува – Маја со другарките
Ако не беше она што е – извонреден, моќен женски вокал и музичка икона, која нема трема на сцената, зашто е сигурна во тоа што го работи – Маја Оџаклиевска ни кажа дека ја влечеле психологијата и медицината и архитектурата и сигурно и во една од овие професии би била успешна …
Фото – приватна архива на Маја Оџаклиевска
Публицитет.мк