По многу договарања и најмалку три години барање заеднички термин, ова лето актерката Марија Новак конечно пред микрофонот на Публицитет.мк во аудио серијалот „Мојот живот, мојот свет“. По првиот еве го и вториот дел од интервјуто.
И потоа тие кои велеа: Нека не се појавува на приемен и’ станаа нејзини професори а дел од нив подоцна и колеги на сцената.
Новак студиите по актерство ги започнала во класата на режисерот Владимир Милчин, кој како што вели:- Спроведе железна дисциплина спрема нас студентите.
Со Марија Новак, разговара Милчо Јованоски
Класата од 1987 на ФДУ со режисерот Владимир Милчин
За неа студирањето значело „киснење“ од 9 до 9 навечер на ФДУ. Марија заедно со нејзината колешка од класата Валентина Героска сега Грамосли се првите студенти од Охрид кои дипломирале на ФДУ подоцна за среќа таа листа се прошири. А со нив во класата биле и сегашните актери од Битолскиот театар: Петар Горко и Јулијана Стефанова, Ана Левајковиќ од Театар за деца и младинци, па Предраг Павлоски кој од неодамна е во Драмски. Во истата класа од 1987 биле и Жаклина Стефковска, Трајче Георгиев, Магдалена Ризова – Черних, Владо Јованоски и Мину Угриновска која за жал загинала во сообраќајка.
По двете години минати со Милчин, во трета ги презел Унковски а во четврта година Љубиша Георгиески, се класа режисери.
Нејзиниот прв студентски ангажман како актер е уште на втора година од студиите. Во трета е веќе дел од екипата на Кумановски театар во „Ништо без Трифолио“ во режија на Коле Ангеловски, па во Битолски театар и во четврта веќе имала повеќе проекти. Марија ни раскажа како го „откачила“ Благој Стефановски , тогаш директор на Битолски кој и нудел постојан ангажман во театарот. Искрено ни рече дека од овој агол и ова време тоа го сторила од сопствена самобендисаност и вели дека и сега јавно му се извинува на Баге.
-Беше тоа време на распадот на Југославија и потоа во Скопје можеше да се живее и како слободен уметник од богати хонорари, вели Марија. Во 1992 била повикана на конкурс во МНТ да почне таму но работите се изјаловиле и скоро две децении потоа таа се врати на местото како што и рекле каде што припаѓала уште по дипломирањето. Една врата се затворила , друга се отворила. И стигнала покана за работа во Театарот за деца и младинци од тогашниот директор Љубомир Чадиковски.
-Забременив и си ја родив ќерка ми Сара ( студира психологија ).Секако пред тоа се омажив за сопругот Јуре. И кога работите се сменија за 180 степени го напуштив театарот за деца и млади и се вратив во Охрид. Се определив за семејството и тоа е една од работите за кои никогаш не зажалив, вели Новак. Благодарение на тогашниот министер за култура Слободан Унковски во 1998 година по негова преппрака отворила Драмско студио во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.
Во 2007 благодарение на тогашниот директор на МНТ Сашо Миленкоски и вд. Директорката на Центарот за култура Ружица Наумовска Марија со преземање се враќа како актер на големата сцена во МНТ.
Заедно се потсетивме на улогите во: ТВ серијата „Македонија може“ па во „Алф од Ново Лисиче“ , ТВ драмата „Мала ноќна музика“ … „Театромобилот“ во Охрид обид за прв приватен театар со Горан Стојаноски, Драган Довлев, Павел Најденоски… Времето на Радио Охрид, па на Втората програма на Радио Скопје со НННРВ а во последнава деценија и Македонските народни приказни.
Марија ни кажа дека и пречи зборот глумица , туку дека таа и сите нејзини колеги се актери.
-Ние не глумиме, (се смее ) глумат на пример политичарите а ние како актери даваме се’ од себе и искрено го играме на сцената,она што ни е дадено како задача или во медиумот каде што се остваруваме, вели таа.
Зборувавме за возбудата во театарот, за паметењето и заборавањето текстови и за улогата на инспициентот или суфлерот. Зборувавме за миговите на радост , среќа и тага. Верувајте капна и по некоја солза.
За Марија животот е движење и признава дека не сака да остане на истото место. Откривањето на Библијата ја тргнала од бесмислата на животот.
И во меѓувреме и’ се случи нова премиера во МНТ ,,Најкратки драми на светот” како и обновувањето на „Животот е прекрасен“ со која на 8 декември ќе гостуваат во Белград.
Марија е една и единствена не дека е наша. Таква е – посебна. Фотографииите и одбирот на музиката ја прават сликата за неа голема и уверлива. Слушнете и оценете.
Публицитет.мк