Бараковски, во Охрид и пошироко е познат како виолинист, професор по музика, педагог, композитор и успешен раководител на КУД „Ѓердан“…
Mаестро Бараковски импонира со неговата ведрина, трудољубивост, енергичност и во третото доба да биде креативен, сега напросто ослободен од сите стеги.
Со клик на линкот слушнете го ПРВИОТ ДЕЛ од аудио интервјуто во целост. Со Методија Бараковски разговара Милчо Јованоски:
Интервјуто во „Аквариус“ всушност и така го почнавме- со прашањето од каде енергијата која ја поседува, смиреноста и покрај бројните ангажмани…
Кон крајот на шеесеттите во барот на хотелот „Палас“
Методија – насмеаниот, понекогаш строгиот и ретко налутениот зад себе има генерации и генерации деца од кои како што ни рече ја црпи енергијата и тие му се еликсирот. Со чичко Менде како што го викаат и познаваат генерации охриѓани кои најчесто биле и се дел од КУД „Ѓердан“ и ОМУ „Методи Патче“ разговаравме за спомените од детството, љубовта кон музиката, компонирањето, педагогијата, за семејството и за неговата нераздвојна половина – сопругата Стефанка.
Таа, Стефе е една од ретките во нашиот серијал која покрај главниот лик во приказната – овој пат Менде , зборува за нивниот брак, за нејзината поставеност како сопруга и другар и за Менеде како личност – невиден професионалец и сега човек кој како што ни рече по пензионирањето сака да и го посвети должното внимание на сопругата, ако може со тоа да го надомести делот што неповратно заминал со младоста…
Стефанка ни го откри мигот на запознавањето и почетокот на нивната љубов во Скопје, како и песните кои во миговите на вљубеност ги пееле во возот на релацијата од Прилеп до Скопје.
Лани ја прославиле златната,а си дале збор дека заедно ќе ја дочекаат дијамантската свадба.
Низ Охрид околу пладне речиси секогаш се заедно по кафулињата, а често со нив е и малиот внук.
Менде со мајка му Алтана – пред 38 години во Свети Наум
Методија Бараковски – Менде е роден 1943 година во село Кукуречани, близу Битола. На 6 годишна возраст се сели во Прилеп каде го продолжува школувањето завршувајќи гимназија.
Подоцна оди на Вишата Педагошка академија во Скопје, отсек – музика. После завршувањето на студиите се вработува како професор по виолина во Основното музичко училиште „Методи Патче“ во Охрид .
Како професор работи се до своето пензионирање во 2005 година. Паралелно со својот професионален ангажман, голем дел од својот работен век Бараковски раководи со првото Културно уметничко друштво од Охрид – Ѓердан.
Од минатите средби на генерација во Прилеп
Љубовта го носи во Охрид и во него останува, но со насмевка и искреност кажува дека и по толку години во Охрид го чувствуваат за дојденец. Менде вели – ги препознавам тие кои тоа ми го велат во шега ама и тие кои го кажуваат со цел да ме навредат…
-Бев на Педагошка академија и од дипломирањето ме делеше уште еден испит само кај композиторот Властимир Николовски. Се вратив во Прилеп, а работа не ми даваат бидејќи немав дипломирано. Со сопруга ми Стефка се засакавме уште во Скопје. Таа еден ден ми се јавува по телефон и ми вели – во Охрид има место во Музичкото дојди.
Баба ми, мајката на Стефе отишла кај тогашниот основач и директор на Музичкото Наум Гавриловски го прашала дали ќе има место за мене како наставник и тој и рекол нека дојде.
Дојдов во септември 1965 година,а следната заминав во војска и се вратив во 1968 година. Предавав виолина. Интересно е кога започнав да работам децата кои ги учев не завршија шеста година музичко со завршувањето на осмо одделение, туку беа поголеми. Бевме многу амбициозни сакавме да се докажеме. Немаше кадар и јас имав дури по 34 – 35 ученици, раскажува Менде.
Од првите гостувања во Холаднија со КУД „Ѓердан“
Токму за неговите ученици во Музичкото и во „Ѓердан“ зборува со многу љубов и деновите кои им ги посветил, но и миговите кои тие му ги приредуваат и го тераат и натаму да работи со елан и невиден ентузијазам. Менде вели:- додека можам , додека сум нанога не се двојам од децата и „Ѓердан“…
Во Св.Софија по еден Годишен концерт со учениците Марина и Жанко Чадо
И да не ви откриваме се’, слушнете го првиот дел од интервјуто со Методија Бараковски, вториот дел ќе биде следниот петок.
Автор и водител: Милчо Јованоски
Публицитет.мк