Во најновото издание на аудио серијалот „Мојот живот, мојот свет“ гостува Мира Иванова- Кејзер. Мира е родена во 1947 година во Охрид. Скоро пет децении живее во Холандија
Живеела и растела во населбата Крст Џамија и нормално основното училиште го завршила во „Братство – Единство“ . Вели дека растела по виорот на револуцијата и со неа била задоена од мала. -Сите веруваа во младината која е основата на општеството и нејзиниот најдобар уметник. Се надевам дека и денес таа уметност ја има кај денешните млади во Македонија.
Со клик на линкот, слушнете го интервјуто во целост. Со Мира Иванова – Кејзер разговараше: Милчо Јованоски
Кога ја прашавме: Која е, како се претставува пред другите? , со насмевка ни рече: – Мирјана е книга која што треба да знаеш да ја прочиташ. Така им велам во Холандија.
Интересна е нејзината приказна преполна со пресврти и многу животни искуства кои ги црпела од клиентите на кои на пример на почеток во Холандија им барала работа или подоцна по една долга пауза кога се вработува во една голема фирма која се грижи – обратно како воркохолиците да запрат и да разберат дека животот не се состои само во работа.
Во Маврово на излет со врсниците од средното економско училиште во Охрид
-Скоро 48 години живеам во Холандија, таму завршив Работна психологија се омажив и формирав семејство.Но животот сакаше да ме одведе и на други страни по светот долги години живеев во неколку земји од Африка, пак ново себе докажување, истражување на личноста, на околината и на тоа која сум и што сум. Зад мене е бракот со Холанџанец кој се занимаваше со мода имавме бутици и близу две децении бев во тој свет. Од тој брак имам две деца, син и ќерка, кои живеат во Холандија но се чини ја сакаат и чувствуваат Македонија и Охрид, секое лето се тука. А јас, постојано се сеќавам на средношколските денови и имав желба да ги видам моите средношколски другари и тоа ми се оствари пред три години кога дел од нас одбележавме 50 години од матурирањето во средното економско училиште „Мите Богоески“ од Охрид. До неа стигнавме по препорака на нејзиниот другар Владо Жура, за кого Мира вели дека има посебно место во нејзиниот живот.
Претходно, таа ми раскажа како патот ја одвел во Холандија. Не само неа туку уште многу нејзини врсници од Охрид во втората половина од 70 години на минатиот век. Зборувавме за борбата со носталгијата, снаоѓањето во земјата со поинаква култура и општествено уредување, за снаоѓањето кога си сам без никого свој и на крај или на почеток без да го знаеш на пример: холандскиот јазик.
Македонска вечер на охриѓани кои живеат во Холандија со закуска од македонски специјалитети
Разговорот ни тргна и Мира искрено одговараше со многу филозофски погледи на минатото и уште повеќе кон иднината. Човек, се чини од нејзините зборови може да извлече многу поуки .
Мира Иванова – Кејзер пишува и поезија, добивала и награди првата уште како ученичка во основно и тоа од Обединетите нации.Подоцна учествувала на некои конкурси во Холандија и вели дека подобро може да се изразува на холандски ама се’ уште сонува на македонски.
Сега, живее на релацијата помеѓу Холнадија и Охрид. Се труди да го слуша гласот на срцето и вели дека научила да не брза никаде.
Уметници на денешницата
Под трепки орловски се поти денешницата
со лутеница го гушиме ехото
да не се чуе она што не сакаме да чуеме
тупаници силиме, во петиците слегуваме
со чекори киклопски суводолици преминуваме
таму мајки чеда доеја
во пазуви млечни со прополис аманет чуваја
крв млада да затече корка да не фати.
Чевли со пелин и со ловор исчеткавме
на прагови мустаќи со виножито свиткавме
во бело Тешкото на скелиња го маршираме
од највисокото гранче бербате ќе ја почнеме
со леб над камења, полиња рамниме
преместуваме планини сенки да не ги фати
село до село врзуваме во куќи празни порти отвораме
раце рашируваме, глави на две перници разделуваме
нема душа наша да загрчи дури реките ни течат едносмерно
крилјата наши преголеми
сонцето со исто светло не грее овде и насекаде.
Мирјана Иванова
Х Х Х
Нозе скрстени на чардаци се собираат
со очи на образ брчки пеглаат
на џамадани петлиците ги бројат
се поклонуваат, раце си стискаат
блиски и непознати поздравуваат
насмевките во бовчи ги чуваат.
Се потат годините, во чевлите не пасуваат
реториката на денот под клуч за утре ја ставаат.
За некого животот беше прекраток
други останаа таму каде што одлучија да останат
тие што по погрешни патишта чекореа
во сателитите на небото се заблудуваа
и никогаш не се пронајдоа
тврдоглавите долината на Ева ја бараа
со глава наведната без неа
на тие што им беше свеедно
дворовите на вино и киселина мирисаа
верните со нафора порти отвараа
други со секира правда сечеја
некои долго размислуваја и се обидуваа
со помош на човештвото континенти да спојуваат.
Како и да беше, кога камбаните на врати им цукаат
здивка зад себе сите остават.
Живописна вредност хронолошки класифицирана во служба на идните генерации.
Постојат во вечна меморија без повраток.
Мирјана Иванова
Публицитет.мк