Петар Спасески во „Мојот живот, мојот свет“.Слушнете уште една несекојдневна сторија каква што само животот може да ја приреди.
Тој има само 36 години а го искусил животот од многу страни. По професија е софтвер инженер а математиката му е омилена сфера.
Во интервјуто снимено „тет а тет“ во „Аквариус“во Охрид, прво кое го дава Петар а е од ваков тип, тој ќе ве плени со отвореноста, искреноста и емоциите со кои зборува за себе, за животот, љубовта , семејството и идните предизвици…
Со клик на линкот слушнете го интервјуто во целост. Со Петар Спасеки, разговара Милчо Јованоски:
Петар е еден од се’ уште ретките Македонци кои веќе изградиле кариера некаде по светот и успешните приказни да сакаат да ги продолжат од и во Македонија. Инспиративната животна сторија на Петар докажува дека на мнозина светот им е претесен кога се во прашање потрагата по среќата и бизнисот.
Петар Спасески е роден во Охрид. Детството го минува во центарот на Охрид на улицата „Димитар Влахов“. Прво детско сврталиште му бил како и на мнозина од тие генерации полигонот за мали спортови. Растел кај баба му Ана и дедо му Новак Ангелески, за подоцна со родителите да се отсели во населбата Бараки – „Гоце Делчев“.
Таму почнува да го осознава животот да игра кошарка со друштвото кај боројне, да свири гитара колку да биде хит меѓу женските на плажа, а песната Енџи да биде највисок дострел во тоа време. А токму на плажа Горица трета, не со гитара туку во мигот кога е наместен да турка полно кајче луѓе од сините езерски води излегува таа – Нарела, која денес му е сопруга и мајка на нивната две и пол годишна Хана. И тука започнува заплетот како во холивудските приказни. Таа му вели – Требит помош? Тој се насмевнува и дури тогаш се фаќа за јадицата.
-Имавме забранета љубов,а таа е најслатката признава Петар. Откако тргна работата – Охрид мал град се’ се учи за миг, почнаа проблемите. Таа муслиманка јас православен. Обајцата потекнуваме од видни охридски семејства и веста стигна до ушите на родителите од двете страни.
Почнаа забраните и тајните средби најчесто зад салата во Економско, после часови и ракометен тренинг. За да сме заедно и да испиеме кафе моравме да одиме и до Битола. Кога разбраа и џепарлакот ни беше скратен. Од оваа дистанца сфаќам дека родителите тоа ни го правеле за наше добро, иако тогаш бев многу лут на нив. Разделбата ни дојде добро да го искусиме животот и јас и Нарела. Тргнавме секој по свој пат. Немавме официјално збогување, но останаа зад нас неколку долги и преполни со емоции телефонски разговори.
Петар на 18 години од Охрид заминал во Волонгонг кај својот вујко да студира и да го открива светот.Таму тој се стекнал со диплома по „компјутерски науки“ и специјализирал на сигурносни дистрибутивни системи. Негoвиот пат до успехот Спасески го поврзува со остварениот сон – мигот кога станал дел од светската компанија Hatch која има 9000 работници во повеќе од 150 земји низ светот.
По 15 години поминати во Австралија и низа други земји Петар пред пет години по една чудна случка во авион за која е заслужен неговиот пријател , колега и ментор Никола Николоски од Битола и носталгија се вратил во својот роден Охрид.
Овде веќе создаде свој тим кој нижи успеси и буквално работи со светот.Интересна е поврзаноста со формула еден , но не и само како гледач.
-По една посета на Охрид , само што се одморив заминав човечки да се избричам, дојдов овде во „Аквариус“ да прашам што има ново? За Нарела речиси не знаев ништо. Но ете по разни перипетии пак сме заедно, со насмевка ни раскажува Петар.
Љубовното жарче тлеело и кај обајцата. Само си дале време да одлучат како зрели личности дали можат еден без друг или само заедно.
Во пресрет на Денот на вљубените и Свети Трифун – во името на љубовта и виното, слушнете што се случило со двајцата вљубени.
Што му рекол татко му на Петар кога тој соопштил дека пак ја бара Нараела? Зошто во нивниот живот е значајно Сарево,а ништо помалку и Трпејца и Коле еден од сопствениците на кафеаната „Рибар“.
Мачо менот – Петар кој сметал дека со сето искуство во бизнисот и комуникациите нема проблем со девојките на одлучувачката повторна средба со Нарела барал зборови како да почне разговор, секако од причина што таа му значела многу.
-Јас сум рекол и претходно, кога заминав ја оставив Нарела како девојче за кога се вратив да најдам прекрасна комплетна жена.
Петар човекот кој буквално живеел во авион вели дека Охрид е вистинско место за релаксиран живот и создавање семејство, па си посакува со Нарела да имат уште деца, барем уште два три успеси на професионален план и во наредниве пет години да научи да биде посмирен, зашто сака да му се посвети на семејството.
Во меѓувреме Хана му ги полни батериите со скокање по каучит и акробатика во нивната дневна и со темпераментот кој го наследила од мајка и’ и од него.
Во интервјуто Петар се навраќа на неговата љубов кон малиот фудбал, играњето за австралиската репрезентација дури и на Светско првенство во Русија не така одамна во 2010 година,турнеите, слободно паѓање – 60 секунди без падобран, до низа други искуства кои ни откриваат дека е човек кој го сака животот и предизвиците, како издувен вентил од бројките и компјутерите.
Се’ до мигот кога кај него се родил стравот од летање со авион кој сега попушта ама пак е присутен. Му рекле дека е тоа резултат на татковството и грижата за ќерката.
Петар признава дека се’ уште со Марела живеат во бајка, но и обајцата се бесконечно жедни за наука. Кога не работиме тогаш имаме проблем. Заеднички прават проект заедно финансии и компјутери, нешто што кај нас го нема – економија и физика заедно.
Искрено ни кажа дека со годините признава дека е емотивец и често пушта солзи.
Оставивме простор и за неговите мисли сврзани со драгите дружби со пријателите, пењето во кафеани, тагите и радоста.
И да не откриваме се’ – останатото погоре во аудио интервјуто.
Публицитет.мк