Во чест на 24 мај Денот на македонските и сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј и крајот на учебната година кој е толку близу Милчо Јованоски автор на аудио серијалот одлучи да ви ја претстави професорката Чочороска – Китрозоска.
Розе самата за себе милува да каже- Јас сум наставник патник. Наставник кој од рано утро , па до вечер менува автобуси, ја врши посветено својата работа, а потоа се враќа дома кај семејството да продолжи пак со останатите обврски.
Со клик на линкот подолу- слушнете го во целост интервјуто со професорката Розе Чочороска – Китрозоска.
Таа, зад себе има дваесет годишно искуство во професијата и секој работен ден патува на релацијата Велгошти – Октиси. На почетокот работела во Велешта,Радожда,во Дебар и Дебарска Жупа и од пред 15 години е во селото Октиси во ОУ „Единство“.
Конечно некој да се сети на нас секојдневните – обични луѓе. Луѓе кои ги среќавате секој ден во продавница, на улица, а кој ете значат за целокупното наше живеење, ни рече Розе, која призна дека со возбуда ја прими веста дека ќе биде дел од аудио серијалот „Мојот живот, мојот свет“.
Розе со сопругот Златко и ќерките Кристина и Ангела
Розе родена е во гордото и бунтовно Вевчани и нема ден да не се сретне со роднините или некој од пријателите. Ни рече дека се гордее што генерации наназад потекнува и по мајка и по татко од Вевчани.Тоа се Кристина и Витомир – одделенски наставник и професор по биологија, од кои и денес бара совети и за дома и за во училиште. За миг ја вративме во детството, младоста , студентските денови и семејството. Со неа зборувавме отворено за образовниот процес, за учениците, нејзините очекувања од животот, за желбите и искуство кое го има премногу и сака да го споделува со колегите.
Ни раскажа за чувството кога и сега оди пеш од Октиси покрај реката и за тоа како и се будат спомените за прекрасното детство. Најпрво за дружбата со сестра и’ Елизабета ама и со другите деца.
Дознавме како од средено медицинско во Охрид во мигот кога започнала практиката во болницата,некаде во трета година сфатила дека таа не за тој позив и дека треба да одбере нов пат.
Одбирот да се студира македонски јазик за неа бил полн погодок, а како што ни кажа и родителите многу не се чуделе бидејќи и тие биле просветни работници и можеби потајно сакале Роза да учи за професор.- Гените можеби проработија, се смее Роза. Признава дека студентските денови и биле далеку подраги и поубави. Не паднала ниту на еден испит и во рекордно време завршила со студиите се’ само да не им биде на товар на родителите и да стане свој човек.
Од генерацијата на Филолошки најголемиот дел од нив сега се или познати новинари или лектори а ги има како неа во образованието.
Со Чочороска – Китрозоска, проговоривме за карактерот на жителите на Вевчани, непокорот и бунтовноста, за карневалот … Зборувавме за нејзините ученици и за нејзините две ќерки и сопругот Златко, кој како што ни рече е нејзиниот најголем поддржувач во се’ што прави. Ја прашавме дали повеќе е строга како професорка или како мајка и каде повеќе и тежи авторитетот.
Од каде и зошто Роза? Ни откри дека татко и’ кога се родила сакал така да ја крстат, по Роза Луксембург, а нашата Роза ни рече дека ако не била тоа што е сега ( иако, и пак да се роди би ја избрала истата професија) можеби би била добар правник, адвокат или судија, од она Калимеро бара правда. – Таква сум, вели.
На нашата наставничка патник не и е баш лесно секој ден да ги минува километрите признава дека е тоа напорно и бара многу енергија. Се потсети на многу не баш убави случки од менувањето и чекањето автобуси, по дожд, снег, ветар, грмотевици… Но и на убавите средби со некогашните свои ученици кои се веќе свои луѓе. – Најсреќна сум кога ќе дојдат и ќе ме гушнат и заеднички ќе се потсетиме на времето кога сум ги учела. Нема поголема радост од тоа, барем за мене, вели оваа професорка по македонски.
-Голема благодарност и до луѓето без кои мојата патувачка мисија би била невозможна, а кои цело време се грижат за моите деца, мојот свекор Михаил, наставник и психолог во пензија и свекрвата Разменка, одделенски наставник во пензија, додава Розе.
Роза сонува нејзиниот блог Розе Мак што поскоро да го преточи најпрво во еден или повеќе отпечатени прирачници, па така нејзиното големо искуство и стручност да им е на дофат на младите нејзини колеги од браншата и со учениците – Се’ е готово недостигаат само парите и издавачот – ни вели.
Таа има уште една желба еден ден да предава македонски во нејзината охридска Гимназија во која завршила средно.
За себе и за останатите колеги кои посветено работат со стиснато грло и глас вели дека со години чека некој да го препознае нивниот квалитет да ги награди или барем да ги пофали за тоа.
Попатно за краснописот, екстерното тестирање, честите промени во образованието, изразувањето на учениците… за нејзините омилени книги и песни… Ни откри на пример зошто ја сака Тина Тарнер и дека се поистоветува со неа… Ни прочита стихови од Пабло Неруда кои не оставаат никото рамнодушни и ни кажа дека имаа и таа свои стихови кои љубоморно ги чува од другите,ама којзнае можеби ќе излезат на виделина.
Слушнете го интервјуто со професорката по македонски јазик и јужнословенска книжевност Роза Чочороска – Китрозоска за да ги дознаете основните постулати на нашето образование и за тоа како овие луѓе кои се ретки се на бедемот на македонскиот јазик во практиката…
Таа вети дека ќе продолжи својата професија да ја работи со многу љубов, посветеност и скромност, за што се надева дека тоа се најглавните фактори за успех. Ни рече дека мајчиниот јазик треба да се чува како зеницата во окото – бидејќи без него сме никој и ништо. Завршивме во стилот на големиот Конески и потсетувањето на незјините професори од Филолошкиот кои и денес се пример за авторитет: Лилјана Минова – Ѓуркова, Људмил Спасов, Вера Стојческа – Антиќ, Атанас Вангелов, Гане Тодоровоски, кој по презимето веднаш препознал дека таа доаѓа од Вевчани…
Автор:Милчо Јованоски, Публицитет.мк