Специјалното издание на аудио интервјуто „Мојот живот, мојот свет“ овој пат е посветено на познатиот македонски пејач на шлагери и серенади Сефедин Бајрамов од Битола.
Се чини нема човек роден од крајот на седумдесеттите наваму што нема да се сети на неговиот специфичен глас и уште попознатата мелодија „Охридски спомени“. Таа прва официјална негова снимка му ги отвори вратите на Сефедин кон врвот на естрадата.
Со клик на линкот подолу слушнете го разговорот со Сефедин Бајрамов. Автор и водител: Милчо Јованоски
Сефедин за прв пат „Охридски спомени“ ја пеел на Деновите на македонската забавна музика –фестивалот „Скопје 79“. Песната остана, а од тогаш до сега изминаа 40 години. А, потоа се нижеа неговите успеси три пати пеел за Македонија на престижниот фестивал во Опатија и на ред други фестивали. Тој подеднакво убаво со својот лирски глас ги пее шлагерите ама и серенадите и новосоздадените песни. Се редат неговите настапи на Валндовскиот и Серенада како и на фестивалот Охридски трубадури. Горд е што соработувал со мноштво автори, музичари и пишувачи на текстови: Кире Костов, Миодраг Врчакоски, Копров, Неделковски, Нечак …
Скопски фестивал „Охридски спомени“ пред 40 години
Бајрамов роден е во градот на конзулите и нај опеаниот град на Балканот – Битола зад уредот, како што велат битолчани во еврејско маало во 1955 година. Како што вели во интервјуто од мал сонувал да пее, да биде на сцена. Првите настапи ги има како голобрадо момче во култниот Офицерски дом во Битола, а првите настапи со групата „Хераклеа“ му се врзани пак со Охрид, градот во кој што многу настапувал и има грст добри пријатели.
Еден час минете во дружба со Сефедин Бајрамов и слушнете за неговиот живот, секојдневие, неговите ангажмани и преголемата љубов кон музиката. Во кој говори и за тоа како почнал соработка со Кемал Монтено, зошто не заминал таму, како во своите златни времиња бил замена за вечно популарниот Здравко Чолиќ и за првиот настап на фестивалот во Суботица кој беше негова отскочна штица за сите млади надежи па и за него, спомнувајќи дека таа година и познатиот Балашевиќ со „Рани мраз“ тогаш почнувал. Во интервјуто се поместени ред негови музички изведби кои му ја обележаа досегашната кариера.
Опатиски фестивал – Сефедин Бајрамов
Сефко, како што го викаат колегите и битолчани се надева дека Битола ќе му се оддолжи со јубилеен концерт, кој ако не успее оваа година, сигурно ќе го одржи догодина.
Сефко со неговите драги колешки – битолќаники: Виолета, Билјана и Маргарита
Сефедин Бајрамов на 22 јули – понеделник ќе настапи на манифестацијата „ На зајдисонце“ во Трпејца каде ќе пее шлагери и серенади а публиката и тој ќе пијат вино.
Ќе биде незаборавна вечер – повелете!
Публицитет.мк