Славе Николовски – Катин е голем вљубеник во својата родна Преспа, во етничка Македонија и македонскиот народ, како и во Македонската православна црква – Охридска архиепископија и во Македонците насекаде во светот.
Тој и е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени на Македонија и на животот на Македонците во дијаспората.
Роден на 19 август 1941 година во Долна Преспа, во куќа која во тој период ја заплискувале брановите на Преспанското Езеро, во непосредна близина на старата населба Наколец. Извесен период по неговото раѓање, семјеството се преселува во Љубојно, од каде е неговата мајка Сандра. Таму Славе го минува поголемиот дел од детството, од младоста, а се навраќа во него скоро цел живот. Катин таму има библиотека со над 4.000 книги.
Со клик на линкот подолу, слушнете го аудио интервјуто со Катин. Автор и водител: Милчо Јованоски
По завршувањето на средното образование, неколку години работи како геометар во Собранието на Општината Ресен. Како студент во Белград, во почетокот на 1966 година заминува за Канада, каде останува четири години. Во Торонто се школува на специјализираниот Институт за англиски јазик и литература „Раерсон“.
Во 1972 година стапил во брак со Нада Иванова, професор по македонски јазик и литература и останал да живее во Македонија, во древниот Охрид. По дипломирањето на Филолошкиот факултет (1974), Катин четири години работи како координатор и стручен преведувач во Хидробиолошкиот завод во Охрид, во периодот на истражувањето на Охридското Езеро, утврдено со Договорот помеѓу Заводот и Смитсоновата фондација од Вашингтон. Во овој период, интензивно работи на повеќе преводи од научен и стручен карактер, од македонски на англиски јазик и обратно, за потребите на Заводот, но и на низа преводи на англиски јазик на научни трудови објавувани во земјата и странство.
Со часови и денови може да ни раскажува како тоа Охридското си го засакал како своето Преспанско Езеро, но и за дружбите на луѓето во Хидробиолошкиот кои во тоа време беа столб на институцијата, научниците: Иван Чадо, Јорданка Серафимова – Хаџиште, Милчо Точко, Борис Оцески…
И уште една негова врска со Охрид, сега како центар на православието.
Како функционер на Владата на Република Македонија, Катин бил на посети и разговори кај поглаварите на Романската, Украинската, Руската и Српската православна црква, потоа во Цариградската патријаршија во Истанбил и Ватикан во Рим. Многу пати патувал со делегации на Македонската православна црква -Охридска архиепископија за Канада, Соединетите Американски Држави, Австралија, бројни европски земји, Турција и Израел.
Во неговиот творечки опус од 55 дела, посебно внимание заслужуваат книгите: Македонците во САД и Канада (на македонски и англиски),Македонските православни цркви во Австралија, Канада и САД; Илинден 1903-2003 и македонските иселеници; Македонски холокауст; Македонскиот иселенички печат (на македонски);, како и делата Придонесот на Македонија во светската цивилизација; Од Панонија до Егеј, Во чест на св. Кирил и Методиј, 40 Поклоненија на гробот на Св. Кирил во Рим) и Ореолот на Дева Марија и Св. Богородица Сливничка во Преспа, (во коавсторство со академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо и проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ), Македонците во античкиот период, Балканот и Македонија (во коавсторство со академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо и Ристо Стефов).
Славе Катин е автор на делата за големите македонските донатори од дијаспората, Атанас Близнаков (две изданија), Петар Стаматов (коавтор со проф. Методиј Трајковски) и Ѓорѓи-Џорџ Атанасоски (две изданија), од САД, на митрополитот Кирил, Георги Томов од Њујорк, Светле (Стив) Стамевски од Детроит, Андреа Бранов од Мелбурн, Семејството Јановски од Торонто, Бошко Рајчовски-Пелистерски од Флорида, Благоја Механџиски-Зегин од Скопје (на македонски и англиски), Есма Реџепова-Теодосиевска …
Тој е исто така познат со лексикографските изданија: Англиско-македонски лимнолошки лексикон, речниците за деца: Ајде да учиме македонски, англиски француски, германски, турски, албански, влашки и ромски.
Во текот на неговата работа и творечка дејност објавил педесет и пет публикации, лексикографски изданија, преводи од македонски на англиски јазик и обратно. Славе Катин, во период од педесетина години објавил над 3.000 текстови, главно, за Македонија, за иселеништвото, религијата, културата, македонскиот јазик и литературата и други области во информативни гласила во Република Македонија и странство
Тој е добитник на најпрестижната награда „Крсте П. Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија од областа на журналистиката.
Славе Катин не припаѓа на политичка партија, бидејќи тој е припадник на етничка Македонија, на Македонците во дијаспората и на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), која како институција игра значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји и насекаде во светот.
Овој август, Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид со него организираше средба со читателите и го прогласи за нејзин почесен член.
Во „Мојот живот, мојот свет“ Славе Катин ви го претставуваме од другата страна на нештата.
Катин со емоции зборува за родната Преспа, за Охрид , но и за мноштвото , недoброени патувања по светот, за семејството, сопругата и внуците. Сето ова е зачинето со анегдоти, сеќавања и музика.
Публицитет.мк