Живот посветен на поезијата и прозата.
Смиле Наумоски – Брсјак во интервјуто се навраќа на детството – на седумте години во родното Годивје, кои еднаково му тежат (вредат ) како сиот живот минат до денес во Охрид. Се навраќа на звукот на зурлата и тапанот, на усната хармоника и создавањето на литературниот клуб, како джфудбалот му бил поваѓен од наградата за дебитант на „Млада Струга“ и на ред убави помалку убави нешта што го карактеризираат неговиот бит и постоење.
Интервјуто со Смиле Наумоски што ќе го емитуваме е дел од Проектот на охридската библиотека РОДНОКРАЈНИ АВТОРИ реализирано во 2010 година.
Но веднаш понего и најновите негови размисли снимени денец во едно блиц интревју за животот и најновиот роман.Наумоски – Брсјак – ни одговори дали неговите ставови и погледи на светот се промениле за шест години.
Автор и водител: Милчо Јованоски
Денеска во „Прличевата одаја“ во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид на Денот на екологијата – Денот на планетата Земја 22 април беше промовиран најновиот роман на Смиле Наумоски – Брсјак НОВИОТ ДЕН во кој токму приказната се плете околу една еколошка дружина. За романот говореа: Бранко Цветкоски, д-р Мерсиха Исмајлоска и Стојан Тарапуза.
Кој е всушност нашиот гостин?
Смиле Наумоски – Брсјак е роден на 2 мај 1951 година во село Годивје, Охридско. Средно образование завршил во Охрид,а Филолошки факултет во Скопје. Работел во фабриката „Застава – ХТД“ во Охрид како библиотекар, потоа професор по македонски јазик во ОУ „Братство – Единство“ во Охрид, а бил и директор на Градската библиотека „Григор Прличев“ во Охрид. Моменатално пак работи во истото училиште како професор.
Неговите поетски почетоци датираат уште од средношколските години, кога бил активен член на литературниот клуб при Градската библиотека и добитник на единствената доделена втора награда на литературниот конкурс за најдобро поетско остварување по повод „Месецот на книгата“ во 1969 година.
Добитник е на наградата „ Мајски средби“ – Кичево 1970 година. Учесник е на „Млада Струга“ на СВП. Добтиник е на многу републички награди, учесник е на „Велестовските вечери“, основач е на литературниот клуб „Бигори“ при Културно – информативниот центар – Скопје и кум на салонот 19,19.
.
Смиле Нуамоски – Брсјак пишува поезија, проза, есеи, книжевни критики. Објавувал во македонската книжевна периодика, а преведуван е на повеќе балкански јазици. Автор е на стихозбирките: „Елементи“ (Книжевна младина на Македонија, 1978) , „Ковачница“ (Независни изданија – Охрид , 1992) и Ѕунки (Маседонија Прима “ , 1996) .
Во 2001 ја издава стихозбирката „Небесна свадба“ поетски избор во издание на книгоизадтелството „Штрк“, а за печатење, подготвени чекаат збирките поезија: „Забранета книга“ и „Сончев часовник“
Член е на ДПМ од 1994 г. Освен со литература се занимава со сликање, вајање и музицирање. Живее , работи и твори во Охрид.
Кон „Новиот ден“ од Смиле Наумоски-Брсјак – д-р мерсиха Исмајлоска
And if you’re still bleeding, you’re the lucky ones.
‘Cause most of our feelings, they are dead and they are gone.
“Youth”, Daughter
Иако сe’ уште крвавите, вие сте среќниците.
Бидејќи многу од нашите чувства или се мртви или ги нема.
„Младите“, Ќерка
„Новиот ден“ за кој авторот Наумоски, сосем соодветно ја избрал формата на детски роман, освојува со својата непосредност и искреност. Литературата за деца, сама по себе, е значајна област на креативното пишување, во неа уживаат и возрасните и децата. Таа вклучува и интегрира зборови и слики кои кај Наумоски провоцираат предефинирање на општо познатите идеи и предефинирање на улоги. Особено улогата на децата. Тој верува дека во основа на нивната природа се запишани како кај никој друг, етичките закони, разликата помеѓу доброто и злото и победата на доброто. Тој верува во нивниот капацитет за љубов, а неговите главни ликови го потврдуваат тоа.
Урбан, Урба, Руре, Козмо се вплетени во еден научно-фантастичен контекст од кој излегуваат помудри и по доблесни. Соодветни за задачата која ти ја „заслужиле“. Избраните, кои заедно со останатата група деца, членови на еколошкото друштво се „новите“.
Иако детски, романот „Новиот ден“, во себе инкорпорира мотиви кои се библиски, па дури и уште постари митски, но тука се и оние актуелни митови, за одговорноста кон денешниот свет, особено од оној еколошки аспект.
Романот сите нив ги инкорпорира токму на начин, на кој еден детски роман треба да ги инкорпорира, во вид на приказна, кажување на постарите-помудрите, како што е старецот Езекил, но и на оние од другиот универзум, во случајов Козмо. Со тоа, овој роман добива атмосфера на приказна, бајка.
Романот нуди три слоеви, кои до крајот водат до една иста идеа, заклучок на романот. Првиот слој е читлив за децата, додека останатите два го привлекуваат вниманието на возрасниот читател. Токму интертекстот на древни и актуелни митови го прави сето тоа возможно.
Допирот со фантастичното, преку ликот на Козмо и патувањето до неговата галаксија слична на Сончоглед, соседна на нашиот Млечен пат/Кумова слама е всушност допир со новите концепти, новите идеи, со непознатото. Токму кога дружината е оттргната од она што го знае, спремна е да научи нешто ново. А, секој од нив веќе доста знае. Го познава своето место. Руре ја познава планината, оние суптилни етички правила, дека плодот треба да се собере само кога е зрел, за да се остави да порасне нов. Урба и Урбан го познаваат градот, но се’ повеќе ги чувствуваат неговите недостатоци, кои сфаќаат дека генерално скоро цел свет ги трпи. Козмо, го познава својот сончогледов свет, и неговата симболика, во него има разбирање за светот и тајните во него. Тој покрај старецот Езекил е и водачот на групата деца низ таа иницијација меѓу светови, космоси. Дури и нивните имиња се избрани да дадат информација за нивната природа и она што најдобро го познаваат. Урбан и Урба, градот; Руре, селото, планината; Козмо, космосот, Универзумот. Но за да стигнат до вистинското знаење, односно разбирање потребно е да се здружат, да ги преминат границите и во еден пост апокалиптичен контекст да го почнат животот на планетата Земја, повторно,почнувајќи од новиот т.е. првиот ден. А патот до вистината е чекор по чекор:
Ништо не е случајно и сè се знае. Ако го живеет животот според законите поставени во Универзумот, ќе ја знаат Вистината. Вие ќе бидете Вистината. Со вас почнува нешто важно.
Руре, уште од најрана возраст насетува дека има подлабока вистина од онаа видливата. Тука авторот прави доста креативно, наративно решение, вметнувајќи вокализатор во прво лице, шестото сетило на Руре: околу него и во него сум јас, неговото посебно сетило и му најавувам или го известувам за сè.
Мотивот за крајот на светот и идејата за избраните е вешто искористен во романот, авторот дури си игра и со симболиката на бројот 12 и 120. Како да сака да го потикне детето-читател да научи да гледа отаде. Да биде сличен со јунаците на романот, а текстот тоа всушност и го повлекува, препознавање со ликовите. Токму во гледањето отаде е вистинското разбирање кое не е празно и деструктивно знаење. Од лажното знаење се излечени по нивното патување во оваа галаксија и во таа до неа. Патување низ Универзумот што ја потврдува онаа позната мисла на Карл Саган, дека кога би немало никој таму горе, тоа би било залудно губење простор. Би било осамено без таа идеја на оваа наша Сина Убавица. Избраните, децата – ликови на Наумоски го учат значењето на вкрстувањето народи, раси, религии, симболизирано преку калемењето кое на Земјата ќе понуди плодови, здрави, оние за идните поколенија кои ќе пораснат со идејата за над-заедништво, лична одговорност и што е најважно, следење и развивање на интуицијата. Сето тоа е можно преку победата на светлината врз мракот преку сфаќањето дека сè на сè му е потребно. Ќе ја научат или можеби тие ќе учат некој друг, за онаа најважната лекција, идејата преточена во нивната приказна:
Оздраве земјата, оздравеа човечкиот род! Само, ова што сега ви го кажувам, да го запаметите и со ум и со срце: Тоа што се случи пред триесет години може и да не се случи. Не мора никој да згине! Не мора да изгинат вашите баби и дедовци, вашите мајки и татковци, вашите браќа и сестри, роднините, мили мои! Само треба веднаш, додека ги читате овие редови, да ги отфрлите алчноста, злобата, гневот, омразата, љубомората и да се исполните со меѓусебна љубов без да ги барате разликите во верувањата, јазиците, боите!… Нека ве поврзуваат сличностите, зашто сите вие сте единство меѓу вас и со целиот Универзум! Вашиот владетел и цар нека биде Љубовта!
Наумоски со својата книга го предизвикува својот мал по возраст, но со голема душа читател, да пропатува низ времето и просторот и да се врати повторно тука со формирани идеи. Идејата дека љубовта е најголемиот универзален закон и секако идејата дека доброто во еден момент ќе ја постигне својата доминација врз злото.
Идеи кои ќе облагородуваат генерации читатели!
Публицитет.мк