Д-р Томе Груевски, професор по комуникологија и односи со јавност на студиите по новинарство, медиуми и комуникации на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Нема студент кој во последниве 30 години не го познава и не бил во контакт со него.Ова е вториот дел од интервјуто а во него ќе слушате:
Груевски за средношколските денови во Битоа, за тоа кога оди таму дека се чувствува најубаво и најспокојно и вели дека е дома. За наградите и признанијата кои му ги доделија битолчани. Со носталгија и емоции Груевски зборува за својата генерација, успешна , како што вели во секој поглед, за редовните средби на годишнините сврзани со матурирањето, но и за дружбата со еден Ајри Демироски кого го има со песна во интервјуто. Во музичкиот избор на мојот соговорник се и неговите некогашни цимери од студентскиот „Стив Наумов“ Перо Христов и покојниот Јанко Узунов.
Со клик на линкот подолу слушнете го вториот дел од интервјуто со проф. д-р Томе Груевски. Автор и водител: Милчо Јованоски
Во вториов дел од интервјуто и неколку анегдоти сврзани со Студентски збор во кој Томе или Тоци како што го викаат блиските започнал од соработник, преку новинар и стигнал до директор. Како афоризмот: „Народ кој имал два Илиндени ќе има и трет“ се заканувал бројот од весникот да биде забранет и каква била улогата на д-р Томе Груевски во прославата на самостојноста на Македонија по референдумот од 1991 кој сега, токму се смета за трет Илинден?
Во интервјуто и за пензионерските денови – за сегашната канцеларија во старата телевизија во Нерези, за неговите најблиски и најсаканите внуците и триаголникот Скопје – Берово – Охрид.
Логично како и што започнавме – завршивме со комуникологијата и односите со јавност.
БИО -БИБЛИОГРАФИЈА
ГРУЕВСКИ, Томе роден во Смилево, Битолско, (1949), новинар и универзитетски професор по комуникологија, новинарство и односи со јавноста, прв доктор по комуникологија во Република Македонија и основоположник на студиите по односи со јавноста во Република Македонија. Дипломирал на Филолошкиот факултет (1972); магистрирал на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (1989) и докторирал на Правниот факултет (1995) во Скопје. Уште од средношколските години се оддал на новинарство, во времето на студиите бил соработник, уредник и главен уредник на в. „Студентски збор“, а подоцна и директор на НИП „Студентски збор”. Покрај тоа, бил и главен уредник на списанието за општествена теорија и критика „Дијалог“. Бил соработник на емисиите „Бранови на младоста“ и „Студентски паралели“ на Радио Скопје а потоа бил и соработник на Третата програма на Македонското радио. Професор на Студиите по новинарство, медиуми и комуникации и односи со јавноста на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и професор на постдипломските студии на Групата за комуникации при Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Повеќе години беше професор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, на Педагошкиот факултет во Битола и на Факултетот за јавна администрација, на сите степени на студии. Автор е на триесет и пет книги: учебници, научни трудови и студии од областа на историјата, теоријата на новинарството, комуникологијата и односите со јавноста, како и повеќе публицистички и новинарски трудови.
Членство во професионални и невладини организации и асоцијации: Член на Претседателството на Универзитетската конференција на ССММ и Претседател на Комисијата за информирање, во два мандати, (1978-1982); Член на Сенатот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје;-во два мандати; Секретар на Здружението на новинарите на Македонија, (1982, 1983 и 1984); Потпретседател на Здружението на издавачите на Македонија, (1985 -1987). Македонско научно друштво Битола од1997; Член на Советот за радиодифузија на Република Македонија (2006-2013); Претседател на „Студиорум“, Центар за регионални истражувања и соработка, Скопје.
Добиени награди и признанија: Прва награда на Фестивалот на радиото на ЈРТ во Охрид, (1978) заедно со целата новинарска екипа за контактна емисија на програмата „Бранови на младоста“ на Радио Скопје; „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, од областа на публицистиката (1983); „Новинарско перо“ (1986), награда на Здружението на новинарите на Македонија; Награда на издавачите и книжарите на Република Македонија (1999); Награда „4 Ноември“ на град Битола (1999); Награда на в. „Битолски весник“ -„Најуспешни битолчани“ (2007).
Објавени трудови: Јавното информирање во Македонија, Скопје, 1991; Системот на јавното информирање во Македонија, Скопје, 1992; Преглед на македонскиот печат (1885–1992), Скопје 1993 (со коавтор Боро Мокров); Современиот печат во Македонија (1944-1994), Скопје, 1995 (две изданија); Историја на новинарството, кн. 1 и 2, Скопје, 1999; Теорија на новинарството, Скопје, 2000; Комуникациите и културата, Скопје, 2004; Историја на новинарството, Скопје, 2005; Култура на говорната комуникација, Скопје, 2006; Односи со јавноста, Скопје, 2007 и 2011; Комуникологија, 2011; Комуникологија на масовни медиуми (2012), коавт. со д-р Зоран Костов; Комуникологија на жанрот, 2013; Собрани дела „Комуникологија“ 2015, Коста С. Шахов Публицистика, кн 1. (2017), Константин С Шахов Книжевност кн. 2 (2018). Томе Груевски е автор и на два аудио учебници наменети за читатели со посебни потреби. Автор е на „Односи со јавноста“ и на учебникот „Историја на новинарството“.
Публицитет.мк