Ги пречекав во култниот „Аквариус“ едночасовната дружба летна за миг. Како и обично, последниве години брзаа на настап во „Објектив“.
Четринаесет години подоцна пак средба со Тони Јованоски, бас гитаристот овој пат придружуван од уште еден член од бендот „Камелеон“ вокалниот солист Драган Василески.
Во стилот на нивната најнова песна со наслов: „Еден ден“ промовирана на „Охрид фест“ течеше и разговорот за двете децении на „Камелеон“.
Со клик на линкот подлу – слушнете го интервјуто во целост
Во интервјуто веќе можете да слушнете дел од претходното интервју со Тони и за многу нешта што се случиле во изминатите 14 години, потоа.
Тони ни раскажа дека во меѓу време станал и млад дедо и дека негов центар на светот сега е внукот Лука. Нему му ја посветил и првата рачно изработена гитара.Тоа е новото хоби на Тони, кој дури сега сфатил дека дрводелството го привлекува и дека проработил генот наследен од дедо му. Ако пред речиси деценија ипол ме фрапираше со тоа дека е страсен риболовец и дека лови кај Глобочица сега ни откри дека веќе го има рибникот „Рајска долина“ па сега не мора да чека со часови рибата да загризе, иако пак знае понекогаш да замине на класичен риболов.
И Драган се пофали со двете ќерки од кои едната е веќе на факултет и надвор од Македонија а другата исто како помалата ќерка на Тони веќе навлегла во музичките води и тие можеби ќе бидат нивните наследнички во музиката.
Ним петтемина ги врзува музиката, иако сите се различни карактери. Признаваат дека имаат проблеми кои за среќа се краткотрајни и брзо решливи. Сплотени се и работат заедно и публиката која константно доаѓа на нивните живи свирки ги обожува.
Драган и Тони во шега и полувистина ми раскажаа дека иако поминале толку години на естрадата во душата се чувствуваат како тинејџери, во смисла на тоа дека не се откажуваат од нивниот сон сврзан со музиката. Сепак признаа дека годините ги измениле сега се далеку порационални во секој поглед. Обајцата се прекоруваа зошто се’ уште не одржале голем солистички концерт во Охрид на кој ќе ги свират нивите познати хитови со кои собираа награди по македонските фестивали.Ветија дека конечно до идниот декември ќе го издадат и вториот албум а дека тогаш ќе го одржат и тој толку чекан концерт. Ми рекоа дека македонската забавна музика одамна е во криза и дека се надеваат на подбри времиња.
Се сетивме и на ненамерната и според нив симпатичната грешка на еден од поранешните градоначалници на Охрид кога ги нарече „Каменолом“. Драган или Пајче како што го викаат колегите и настапите во живо ги завршувал со тоа. Ги слушавте „Каменолом“ …
Ми раскажаа како се роди нивниот најнов хит„Еден ден“ а Драган ни откри дека сака да пее и песни од Шабан Бајрамовиќ и дека со задоволство ги пее македонските забавни евергрини, со иста енергија како и македонските народни. Тони ни кажа дека често пред крајот на нивните настапи бара Драган да му отпее нешто од Оливер од неговите рани музички фази.
Ги прашав дали ја сакаат тишината, кафеаните и за миговите на најголема среќа и тага.
Слушнете што си посакуваат за 2018 …
Автор и водител: Милчо Јованоски
Публицитет.мк