-Се родив и пораснав во славната Влашка Маала. Првите сеќавања од раното детство, па се’ до младоста ми се сврзани со Чинарот, вели нашиот нов соговорник во серијалот МОЈОТ ЖИВОТ, МОЈОТ СВЕТ Тони Танкоски, ветеринарен доктор и музичар.
-Основно учев во Григор, а во осмо не’ преселија во новото училиште „Христо Узунов“. Мирисите од таму, во училиштето во кое подоцна учеа и моите две ќерки уште при секое влегување ме потсетуваат на нешто ново, дури и денес ми стојат врежани во мојата меморија.
Во нашиот аудио формат Тони се сеќава како еден ден татко му го зел за рака и му ја купил првата скапа хармоника од познатата охридска НА –МА на одделот за музикалии. Од тогаш се продлабочила неговата љубов кон музиката. Паралелно ги сакал музиката и фудбалот.
Дури бил и дел од подмладокот на ФК „Охрид“ . Доцна попладне играл фудбал, а навечер заминувал на свирка. – Имав подеднаква љубов кон двете нешта, вели Тони, но подоцна фудбалот отпадна , останаа само спомените од турнирите во Охрид и околината.
Музиката беше нешто друго јас уште како средношколец се дружев со далеку повозрасни од мене. Додека моите врсници одеа во диско и во првите кафулиња, јас свирев ги забавував странците по охридските хотели. Значи таа фаза од животот целосно ми е прескокната, признава Танкоски.
Учел средно медицинско и со многу емоции во емисијата споделува сеќавања на редица доктори од Охрид кои им ги предавале стручните предмети , а се сеќава и на професорките по латински и македонски јазик Лилјана Гоџова и Љубинка Филева.
Желбата да запише медицина во Скопје и во Ниш не му се остварила, па за да оди војска само една година ,а не три месеци плус каков што бил законот тогаш – набрзина запишал Историја на уметност. По враќањето од војска каде неговата хармоника пак му помогнала многу, особено во Загреб каде што се запознал со генералот Филип Котели, по потекло од Охрид,а кој по една година ќе го убеди да запише Факултет за ветеринарен доктор не во Сараево, туку во Загреб, Тони за кусо оди на студии во Скопје.
По три месеци сфатил дека историјата на уметност не е тоа што сака да го учи и подоцна да ја работи. – Бев искрен пред родителите, тие ме разбраа. Заедно потоа баравме решение за мојата иднина, вели Тони.
Враќањето во Загреб како студент не беше воопшто лесно, цели три години се селев од стан во стан, па дури потоа се преселив во Студентскиот град. Беше тешко да се учи на хрватски, на почетокот сосема сам без поддршка од најблиските и враќање во Охрид поради далечината беше можно само за тогашниот празник 29 Ноември, за Нова година и за Први мај. Но, издржав подоцна Загреб ме просветли во секој поглед. Сретнав и се дружев со личности кои претходно можев да ги видам само на ТВ, ни раскажа Тони. Тука ги издвојува Дражен Петровиќ, Шурбек и ред други спортисти за кои и денес им раскажува на младите кои сакаат да се занимаваат со некој спорт дека ништо не доаѓа без долги тренинзи и цврста волја.
Посебно поглавје во интервјуто е отстапено за сопругата Даниела и ќерките Маја и Тамара. Тони ни ја раскажа нивната приказна и промената во животот која ја посакувал. Со многу љубов зборуваше за своите три грации.
За сопругата Даниела која има музичка наобразба, како и обете ќерки и за поголемата Маја која е веќе четврта година на медицина, како и за Тамара која е во прва година гимназија.
Во интервјуто има дел во кој Тони со многу посветеност зборува за професијата за односот на луѓето кон животните и домашните миленичиња некогаш и денес. Раскажува и неколку поучни случки.
Зборува за кафеаните како институција и голема животна школа, и за тоа дека нема локал каде што сиве овие години не настапил, за честите дружби со колегите.
Сега свириме во „Кадмо“ и сите сме радосни што секој викенд нашите деца од Охрид доаѓаат на вечерите со македонска народна музика. Милина е да се слушне како ги порачуваат пред се’ старите охридски песни, ни вели Тони.
Интервјуто во целост слушнете го со клик на линкот подолу: