Во аудио серијалот „Мојот живот, мојот свет“ оваа недела гостува познатиот охридски и македонски поет, прозаист и драмски автор Видое Видически.
Интервјуто е дел од Проектот „Роднокрајни автори“ реализиран во соработка со НУ Библиотека „Григор Прличев“ снимено пред околу 5 години.
Во него има простор токму за неговиот живот и свет.
Со клик на линкот подолу слушнете го интервјуто во целост. Со Видое Видически разговара Милчо Јованоски:
Директен повод интервјуто премиерно да се најде на „Публицитет.мк “ е фактот што во далечната 1957 година токму Видое Видически го основал и бил прв директор, новинар и спикер на локалната радиостаница Радио Охрид.
Институција или хроничар на градот која со невиден леснотија згасна ова лето.
Да опстанеше во етерот радиото со добро познатото авизо „Билјана платно белеше“ и она: „Зборува Радио Охрид“ на 7 ноември ќе влезеше во 60 година од постоењето.
Видое Видически е роден е во Охрид 1931 г.Основно образование и гимназија завршил во својот роден град, Филолошки факултет во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1959 г.
По завршувањето на средното образование, работел како постојан дописник на Радио Скопје од Охрид.По половина година прекинува со работењето за да започне со редовни студии во Скопје.
Во 1955 г. како прв директор го основа Околискиот историски архив во Охрид.
Две години подоцна како што рековме го основа Радио Охрид.
Во 1962 г. поставен е за директор на Домот на култура „Моша Пијаде “ во Охрид и тука работи се’ до своето пензионирање. Тој е и еден од иницијаторите за формирање на музичко – драмскиот фестивал „Охридско лето “ а потоа и еден од неговите раководители.
Во 1969 г. како директор на Домот на културата му го менува името во Дом на култура „Григор Прличев “ и од тогаш во чест на големиот творец ја организира манифестацијата „ Прличеви беседи “ во Охрид.
ТВОРЕШТВО:
Видое Видически автор е на делата:
СИНИ ПИТОМИ УТРИНИ , песни издадени 1959 г.
БРЕГОВИТЕ СЕ НЕМИРНИ , драма изведена 1961 г. а печатена 1963 г.
БАЛАДА ЗА ОРКАНАТА , драма печатена 1964 г. а изведена 1968 г.
ГОЛЕМАТА ШУМА – прв дел , рома за деца и млади издаден 1970 г.
МАЛИОТ ОДРЕД , тв серија од 10 епизоди снимена и емитувана 1977г. на ТВ Скопје .
ГОЛЕМАТА ШУМА, прв и втор дел , роман за деца и млади издаден 1986 г, а 1994 г. го доживува петтото издание.
ВЕЧЕРЕН ПЕЈЗАШ ОД ГРАДОТ, песни издадени 1988 г.
ТАИНСТВЕНИ ВОДИ , роман за деца и млади издаден во 1990 г. а во 1994 доживува второ издание.
ЗАРОБЕНИЦИ НА ВЕЧЕРНИТЕ ИГРИ , раскази издадени 1993 г.
ВРЕМЕТО НА ЦРВЕНИТЕ РОЗИ , роман за деца и млади издаден 1994 г.
ПРИКАЗНИ ЗА ДАМЈАНА , раскази за деца издадени 2003 г.
КАЖУВАЊЕ НА ЗАДОЦНЕТИОТ ПРОРОК , песни издадени 2003 г.
ВИЕ песни издадени 2009 г.
Објавил повеќе песни и раскази во периодиката и дневниот печат.Застапен е во зборници и антологии . Преведуван е на ; италијански, француски, руски,турски и романски јазик.
НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА:
Добитник е на :
Наградата на РТС на Струшките вечери на поезијата во 1971 г.
Награда на книгоиздателството „детска радост “ од Скопје за најдобра книга меѓу двата САЕМА НА КНИГАТА 1994 г.
Издавачката куќа „Дијалог “ од Скопје за збриката песни ВИЕ го награди Видически со награда за најдобра книга за 2009 во конкуренција на 12 наслови од сопствената продукција.
СЕДМО НОЕМВРИСКА НАГРАДА на град Охрид 1977 г.
Во една пригода за „Публицитет.мк “ сопругата на Видически Натка ни рече:
-Со вино и песна кај нас поетите и писателите го дочекуваа новиот ден. Доаѓаа и си заминуваа и пак ни се враќаа. Академиците: Блаже Конески, Димитар Митрев, Харалампие Поленаковиќ ,Божидар Видоески, Матеја Матевски, Георги Старделов, писателите Петре Бакески, Раде Силјан, Веле Смилески и многу други. Списокот ќе биде предлог ако ги бројам, ни рече Натка.
Секој од нив оставил длабока трага во меѓусебната комуникација. Му се радуваме на секој ден и на пријателите кои доаѓаат дома уште во 10 наутро ,а заминуваат пред легнување, додадоа Видически.
За радиото, поезијата и прозата, за пријателствата, дружењата, за ликовите од неговите романи ќе слушнетe во едночасовното интервју со Видое Видически.
Автор и водител: Милчо Јованоски
ПЕСНИ ЗА СВЕТЛОСНИОТ ПОРОД
Мисла на врсниците
1.
Во времето
кога сите гладувавме
не бевме излагани
туку ние
така сакавме.
2.
Во времето
кога гладувавме сите
не просевме
ни пари ни леб
зашо бевме
на иста сцена
во заеднички чин
и еднаков раст.
И славата
тука
не се стекнуваше
по висок род
и по висок пород.
3.
Кога гладувавме сите
говорот ни беше
гласен
зашто времето
за кое ви говорам
беше најголемо време
со многу излези
низ кои луѓето минуваа
се креваа над гладот и немаштијата.
И тогаш земјата наша
зачната беше
светлосен пород.
КРУГОТ ПРВ
1.
Вие, о вие !
слични
на малите птици
со златно перје
а не сте тоа .
Играта ви е
секогаш ноќна
кога луѓето
се во длабок сон
изнемоштени
по вечерниот залез
од нивните
тешки мисли
на излажани
и ограбени.
КРУГОТ ВТОР
На попот Јон Селечки
1908 г. вратен од Дијарбекир
1.
Вие,о вие !
кои заборавивте
на најдолгиот пат
и на тие
што посакале
да ја просветлат
својата земја
ни пустинские беспаќа
на крвавите траги
по силниот стег
на железните пранги
не го запреле
гордиот од
на посветените
и на селечкиот малесоец .
СТРЕЛБИ ВРЗ РЕЧТА
2.
На дедо ми Иван
Каменорезбарот
Човекот на големите чекори
што долго резбаше врз каменот
и го создаде најубавиот лик
на Заштитникот наш,понесен
со мислата позајмена од своите ,
кога надежите ни беа најпотребни
ги крена високо и над времето.
Извадоци од стихозбирката „Вие “ , издадена 2009 – „Дијалог “