Винка Саздова родена е 1956 година завршила Филозофски факултет, група психологија, во Скопје. Работела како новинар во редакциите за култура на дневните весници „Вечер“ и „Република“. Животот и состојбите ја пренесле во издавачките куќи „Култура“ и ЗУМПРЕС. Основач е на издавачкиот центар „Три“, каде што работи како главен уредник.
Со клик на линкот – слушнете го вториот дел од интервјуто со Винка Саздова. Автор и водител: Милчо Јованоски
Винка Саздова, автор е на романите: „Последниот чај“, „Полиња со диви нарциси“ „Понекогаш доаѓа среќа“и „Луна“ кој е нејзиниот најнов роман.Во сите вели дека има парче од нејзината душа а дека дијалозите понекогаш и кога шета по улица или парковите намерно застанува и ги краде од обичните луѓе. Најубавите моменти и се тогаш кога има средба со читателите – особено се радува кога многу млади луѓе ги читаат нејзините книги кои се преполни со убави мисли и емоции а кои подоцна често и се прераскажуваат и споделуваат на социјалните мрежи.
Нејзините дела се преведени на српски, хрватски и на бугарски јазик. Добитничка е на Плакета за најчитан македонски автор во библиотечната мрежа на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Во еден миг Винка ни рече: – Јас,како писателка живеам многу животи – сите мои ликови врват низ мене. Можам да патувам кај сакам, можам да бидам млада – стара, машко – женско. Што сакам можам да правам…
Винка со сопругот Славко и синовите: Александар, Бојан и Љубомир – тие и се вечна инспиација и мотив да биде успешна. Охрид е нејзиното скришно место каде се раѓаат нејзините најмакедонски зборови – еден по еден за да бидат нанижани во еден роман. Разговорот ни тргна сосема спонтано и без напишани прашања и уште повеќе однапред смислени одговори. Винка на пример ни раскажа како ги замислувала писателите кога таа била дете, за чудесното детство минато под синото небо, ливадите, ѕвездите.Винка во дружба со бардовите на македонската пишана реч: Веле Смилески, Јован Павловски, Гане Тодоровски ,Тодор Чаловски и режисерот Милчо Манчевски.
Разговаравме и за гимназиските денови и љубовта кон психологијата, годините во новинарството и издаваштвото, како и за љубовта на прв поглед со нејзиниот сопруг Славко со кого минатата сабота прославија точно 39 години брак. Винка го запознала Славчо на 19 години и по 4 години врска решиле дека е време да се земат. Публицитет.мк им сака да имаат златна , па и дијамантска свадба.Потоа доаѓа раѓањето на синовите, па магичниот број три актуелен до денес по нивната издавачка куќа ТРИ се’ до ненадејната одлука да патува во Индија. Губењето на дневникот што го водела од таму и конечно решението сама да почне да пишува, секако охрабрена да ја напише својата Индија – од страна на нејзината колешка по перо и другарка Јагода Михајловска – Георгиева. Винка со нејзината колешка, другарка и главникот „виновник“ за таа да почне да пишува Јагода Михајловска – Георгиева.
Во вториот дел од разговорот условно речено говоревме на некои филозофски теми кои сите не’ допираат на еден или друг начин. Но од оние интересните, за тоа како тројцата синови влегоа во „Три“? Кој е првиот што ги чита нејзините романи и кој практично дава виза тие да се печатат? Дали е суетна , прифаќа ли критика? Ќе остане забележана и нејзината мисла кога ни рече: Кога пишувам – јас живеам.
Ни призна дека над 20 години е вегетаријанец и дека не и ’ пречи што другите на пример јадат се’. Винка вели дека сака многу да готви и тоа и е ритуал. Кога е на пример во Скопје сака да го собере целото семејство на купче. Кажа дека најдобро во последно време готви паста по сопствен рецепт. Има уште неколку интересни нејзини размисли за животот, иднината и минато кои вреди да се слушнат.
Разговорот е „обоен“ и со убава музика по избор на гостинката со што и на тој начин ќе го доловите нејзиниот сензибилитет и душа. Се надеваме дека ќе уживате во заедничкото патување во нејзиниот живот и свет – еден во нејзините романи друг во реалноста… Којзнае можеби е испреплетен – слушнете!
Публицитет.мк