Трет гостин во новата сезона од аудио серијалот „Мојот живот, мојот свет е Зоран Јордановски, новинар и до неодамна уредник на македонската редакција на Дојче веле.
Како ретко кој новинар во кариерата Зоран може да се пофали дека зад него има стотици радио преноси од спортски настани, дека бил на олимпијади и други силни спортски возбудувања, ама во својата кариера известувал и од значајни политички настани во Германија, низ Европа и светот.
Во Келн крај Рајна
Во душата му е работата на радиото, работел и на телевизија и преку Интернет.
Се сретнавме во Трпејца и додека брановите ги „галеа“ белите бисерни камчиња ние разговаравме со цел преку аудиото да создадеме еден негов портрет. Ненаметливо се потрудивме колегата Јордановски сам да ги пушти емоциите да му работат.
Со Зоран Јордановски, разговара Милчо Јованоски
Зоран, вели дека е дете од периферијата на Скопје кое многу брзо стигнало до оние кои најчесто и по цел ден ги слушал на радиото, особено од детските емисии на Радио Скопје.
-Татко ми работеше на железница не беше човек со некаква функција ,но отворен кон светот и да го има светот дома преку радиото. Така ми го отвори и мене. Она што мене ми беше најинтересно беа се разбира емисиите за деца и она што и денес жена ми Ели ја фрапира кога во моменти на убаво расположение ќe запеам некои песни, се чуди од каде ги знам, а не знае дека растев со тие емисии на Радио Скопје на музика од сите делови од Југославија, но и со многу прекрасни македонски песни кои и денес не се познати.
Зоран со сестрата, родителите и бабата
Од тоа време се неговите спомени на некогашното радио Скопје на улицата „Марксова“ и големото студио за живи изведби во кое тие децата од драмското студио влегувале кришум и свиреле на клавирот,а чуварите секако ги бркале…
Зоран и денес се сеќава на многуте радиодрами а најмногу на „Децата од Павловата улица“ од Ференц Молнар…
Како се случи Зоран да се најде од другата страна на радиото?
Години потоа Зоран со ќерката Бисера
Зоран се пријавува на една аудиција во радио Скопје за нови членови во детската радио драма и успева. Од 300 пријавени да е во 30 а потоа и да остане во таа природна селекција . Со дел од тогашните другари и денес е исто другар како на пример со Димац кој исто остана верен на радиото, па со режисерите Виолета Џолева и Наум Паноски…
По осумнаесеттата кога е веќе преголем да глуми дете – си нашол алтернатива. Зоран денес може да се пофали дека во тоа време и од денешна дистанца играл во култни претстави во авангардниот театар „Кај Свети Никита голтарот“, па во МНТ во претставата „Фарса за храбриот Науме“
На работна задача – спортски коментатор
Положил приемен на театарската академија во Белград, сакал да студира право, но и да живее лагодни скопски ноќи и со насмевка како што ни рече: -Не можеше сето заедно и решив пак да бидам во и до радиото. Станав спортски коментатор и тогаш на тој конкурс освен мене – тестот го помина и исто така познатиот коментатор Александар Стиков…
Како било да се учи репортерството од еден Никола Солдатов и како го надминал проблемот после секој жив настап да му биде непријатно зошто нешто згрешил.
Со сопругата Ели, децата Бисера и Дарко
Зоран ни открива и една своја страст, летањето со едрилици, акробатско летање и желбата да стане пилот. Од тоа време е анегдотата кога криел од родителите дека лета и им кажувал дека е на одмор во Охрид а откако ќе се врател родителите го прашувале како е тоа можно кога ги поврзувале преку телефон да кажат пошта Битола од кога врската со Охрид оди преку Битола? – Се разбира подоцна им кажав со што се занимавам, вели Зоран.
Тој подоцна ги минал сите тестови и здравствени и оние на кои требало да се покаже знаење, ама имал 27 години а исто како него – успешни биле дузина млади со свои 18 години, па очигледно како што ни рече со насмевка -Нив ги одбрале, а искрено јас немав врски во Генерал штабот на армијата.
Така решава да служи војска во Македонија, заминува во Струмица и таму како во песната на „Струмица на улица“ ја здогледува сопругата Ели со која вистинската љубовна врска ја започнал откако ја соблекол сивомаслинестата униформа.
Во таа љубов се родиле Бисера и Дарко.Обајцата се сега – свои , возрасни луѓе. Бисера по студиите по право се вратила во Македонија. Тука е омажена и со работата во медиумите ја докажаа тезата дека гените не се за потценување или како што велиме – крвта не е вода. Дарко од надежен научник биолог преминал во сосема друга струка во која е повеќе од успешен.
Зоран со внукот Виктор, ќерката, зетот, синот и сопругата
Со внукот Виктор
Откако се роди внукот Виктор нему и на неговата Ели тој им е центарот на светот. Го прашавме дали е вистина дека внуците се сакаат повеќе од сопствените деца?
Зборуваше за миговите на најголема радост и тага, за кафеаните…
По тешката и стерсна новинарска работа – потребна е забава
Зоран ни раскажа што се’ приватно и професионално морал да помине до доаѓањето во престижното Дојче веле најпрво како гостин – соработник од Радио Скопје а од почетокот на деведесеттите и како дел од редакцијата , па се до први март годинава од кога е пензионер, но продолжи да работи и да пишува колумни … ќе слушнете во интервјуто.
Со поранешниот германски министер за одбрана Рудлоф Шарпинг
Го прашавме – каков е неговиот став за новинарството денес во Македонија? За тоа постои ли независно новинарство и дали ДВ е независно?
На денот на пензионирањето и прославата во негова чест – Зоран во разговор со интендантот на DW Петер Лимбург
Не заборави да го потенцира она германското – И да и не. И тоа дека во Германија ДВ го нарекуваат Обединетите Нации во мало со оглед на тоа што сега функционираат 30 редакции на исто толку јазици, а претходно ги имаше и повеќе.
На коктелот со сопругата и колегата Борис Георгиевски од македонската редакција на DW
Новинарските приказни и приказните од животот никогаш немаат крај!
Насловна фотографија: DW
Фотографии од приватната архива на Зоран Јордановски
Автор: Милчо Јованоски, Публицитет.мк