Прв гостин во оваа 2018 година во серијалот „Мојот живот, мојот свет“ е Зоран Ногачески градоначалник на Општина Дебрца.
Ногачески е роден во Волино 1966 година и во интервјуто неколку пати ни рече: – Волино е мојот живот, се’ што ми се случило, ми се случило таму. Моето село е моето сидро.Сега секојдневно патува од родната куќа до работа. Градоначалничката канцеларија му е во Белчишта , таму е седиштето на општината.
Со родителите Бојана и Симон во Струга крај Дрим
Со клик на линкот подолу слушнете го во целост интервјуто. Со Зоран Ногачески разговара Милчо Јованоски
Но Ногачески на овој патувачки живот навикнал уште од мал. Основно училиште учел во Волино , но од петто до осмо морал да пешачи по сите временски непогоди пеш до Требеништа по два километри во еден правец за да стигне во училиште. И не само тој , туку сите негови врсници од селото. Се сеќава дека бил многу радосен кога за одличниот успех во петто одделение го добива посакуваниот велосипед „Пони“. Тогаш во тоа време се сметаше за престиж. Но се сеќава и на честите издишани гуми и вентилите исчезнувале од неговите тркала. Така од шега му правеле другарчињата за пеш заедно да се враќааат дома.
Зоран со мајка му
Зоран се сеќава на детските игри за кои денешните деца не можат да ги сонант ниту на сон за пасењето крави во ливадите и бескрајните разговори со врсниците и повозрасните.
Кога говоревме за неговото детство со шириока насмевка ни кажа дека првиот контакт со телевизијата го имал кај соседите а омилен во тоа време му бил Калимеро познатиот лик од цртаните филмови и неговата некогаш популарна констатација „Е, нема правда“. Кој зна е можеби тоа – нема правда подоцна го однесе на Правниот факултет во Скопје каде дипломира со убав просек 8, 94 и може да ја продолжи кариерата во Скопје ама тој се одлучува да се врати во своето Волино.
Ногачески се сети и на првиот филм гледан во Волино на ѕидот од задружниот дом и чудесијата како тоа актерите играат тука пред нив. Тоа бил македонскиот игран филм „Републиката во пламен“.
Од ученичките денови
Ни раскажа како тоа иако одличен не успеал да се запише во економското училиште, па затоа продолжил во општата гимназија. Со должна почит ја спомена неговата класна Даница Слатинова и професорката по латински Лиле Гоџова, а вели дека најмногу и денес се сеќава на професорот по македонски, покојниот Драган Протуѓер. Зоран вели дека и денеска контактира со голем број свои сокласници меѓу кои Осман Муса, со кого 4 години ја делел клупата, со голманот Данчо Целески а генерација му е и пратеникот Томислав Тунтев.
Денот кога заминува во војска во Дервента
Зоран признава дека има избувлив карактер, но вели знае брзо да пламне и брзо да се смири. Знае да се налути, ама и да се извини и да замоли за прошка и со луѓето да продолжи каде што застанале.
-Упорен сум, признавам може битката да ја изгубама, ама сакам војната да ја добијам , вели Ногачески.
Спомен од ЈНА
По средното училиште заминал во Дервента да го отслужи воениот рок , нешто за што смета дека му било вистинска школа во животот и посакува барем на по неколку месеци денешните момчиња да одат во војска за да го фатата редот во животот. И токму враќањето на отсуство, значи вљубување во жената на неговиот живот Татјана. Родена во Австралија и со своите по речиси десет години живот таму вратена во Волино. Таа има австралиско државјанство а и нивните деца Бојан и Стефан, но Зоран се’ уште не бил во земјата на кенгурите. Ни кажа дека сака само туристички да оди , никако таму и да остане, иако во животот имал кризни периоди, но не отстапил од замислата Волино за него да е центар на свето.
Со сопругата Татјана, синовите Бојан и Стефан
Со Зоран разговаравме и за студиите во Скопје, снаоѓањето во големиот град, за љубовта кон фудбалот,за тоа дека е непоправлив Ѕвездаш, дека го сака ФК „Вардар“ како и за фудбалскиот клуб „Сатеска“ и желбата сиве овие години да не се пропушти ниту една нивна игра, за професионалните обврски и замислите како сака да изгледа животот во Општина Дебрца во иднина.
ФК „Сатеска“ Зоран Ногачески негов претседател
Во интервјуто по негова желба ја слушаме Васка Илиева,Зафир и Сенка и ред други песни кои ги чувствува емотивно блиски до себе и до она што му се случувало во секојдневието.
Вообичаено, како и сите гости и Зоран ни раскажа за своите радости и таги и за неизмерната почит кон своите покојни родители Симон и Бојана.
Семејството пред се“ и над се“ Зоран со сопругата и синовите
Зоран со сопругата која е негов најголем поддржувач но и критичар
И да не ви откриваме се’. Слушнете го аудио интервјуто и уверете се во искреноста на денешниот гостин Зоран Ногачески, дипломиран правник по професија, актуелен градоначалник на Општина Дебрца и цел работен век општествено активен со желба за подобар живот на сите во селските средини а најмногу во своето родно Волино.
Публицитет.мк