Кога се говори за македонската забавна музика не може а да не се спомене творештвото на Димитар Масевски (1937 – 2015) кој зад себе остави околу петстотини композиции меѓу нив и повеќе десетици кои и ден денес со задоволство се слушаат и потпевнуваат.
Освен како композитор тој , заедно со Славе Димитров, продуцираше околу 2000 композиции од кои 80% од македонски автори и изведувачи.Неговиот придонес на полето на македонската забавна музика е евидентен и по афирмацијата на постојните и откривањето на нови автори, текстописци, аранжери и голем број на пејачи во 70 тите години од изминатиот век кога се интензивира домашната забавна музика , пред се’ со започнувањто на фестивалот на забавна музика во Скопје во 1968 година.
Во историјата на македонската забавна песна Масевски ќе остане забележан и со песната „Последна Солза” во интерпретација на Блага Видец како прва песна испеана на македонски јазик на Југословенската забавна сцена (на Фестивалот на Југословенската радиодифузија во Белград во салата на Домот на синдикатите на 22-ри јуни 1957 година).
„Во периодот кога работев како музички продуцент како автор фестивалите не ми беа предизвик. Се обидував да бидам присутен само тогаш кога ќе почувствував дека имам силна инспирација и убава песна. Мојата професионална девиза е да се учествува само тогаш кога авторот има што да каже,” – велеше Масевски. “Но затоа, пак, особено бев исполнет кога на фестивалите учествував во жири-комисиите и кога можев да ја вложам сета своја креативна моќ во збогатувањето на музичкиот материјал на изведените композиции“.
Масевски во својата мошне успешна кариера соработуваше со голем број пејачи. Неговата заслуга на тоа поле е огромна бидејќи откриваше и афирмираше нови пејачки имиња на домашна сцена кои се популарни до ден денешен – како на пр: Зоран Георгиев, Зафир Хаџиманов, Нина Спирова, Даниела Панчетовиќ, Сашка Петковска,Драган Мијалковски, Верица Ристевска, Јанко Узунов, потоа Силви, Маријана и Росана и Лидија Кочовска. Од текстописците Димитар Масевски најмногу соработуваше со Ѓоко Георгиев, Љупчо Стојановски, Јован В.Павловски, а од аранжерите со: Драган Ѓаконовски, Славе Димитров, Корнелие Ковач, Перо Готовац, Живоин Глишиќ, Дамир Имери, Тодор Трајчески и други.
За неговото творештво ,на полето на музиката и на сето она што го остави зад себе тој доби голем број на општествени признанија и награди на повеќе домашни фестивали.
Во една прилика говорејќи за себе и свотео творештво тој ќе рече:
„Понекогаш кога говорам за себе се чувствувам како да ја отворам големата книга на животот во која се запишани датумите и случувањата, подемите и падовите, премрежињата низ кои е неопходно да се помине за да се стаса до целта: вистината за човекот преку делата што како наследство им ги подарува на генерациите”…..
Љубителите на забавната музика ќе го паметат по неколку извонредни забавни мелодии кои преставуваат вистинаки македонски евергрини.Ретко кој не слушнал или не ги потпевнува рефрените од неговите песни иако некои од нив се создадени пред 30, 40 или 50 години.
„Љуби ме Мирјанке”, „Молчи молчи љубов моја”, „Ангела”, „Бела хризантема”, „Приспивна за реката”, „Моја добра гитаро”, „Лет на гулаб бел” итн. се несомено македонски евергрин мелодии. И денес кога ќе ги слушнеме будат спомени за едно време во кое авторите создавале со голем ентузијазам и верба во опстанувањето на македонската забавна песна.
На неговото творештво ќе се потсетиме со една негова композициа која тој ја создаде во далечната 1968 година. Се работи за безвременската „ Молчи, молчи љубов моја“ за која текстот го напиша неговиот долгогодишен соработник Ѓоко Георгиев. Аранжманот е дело на Славе Димитров.Песната е во изведба на извонредната Нина Спирова во придружба на Ревискиот оркестар на Радио Телевизија Скопје под диригентската палка на, уште еден доајен на македонската забавна музика, Александар Џамбазов.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк