Министерството за образование и наука информира дека студентите кои аплицираа во рамки на првиот рок од повикот за субвенциониран студентски оброк, денеска на своите трансакциски сметки ги добија првите средства во износ од 1440 денари кои се однесуваат за периодот од 15 септември, кога стапи на сила законот со кој е регулирано ова право, до 1 октомври. Исплатени се вкупно 25,7 милиони денари на 17.836 студенти.
Информираме дека исплатата ќе продолжи да се реализира согласно одредбите од Законот за субвенциониран студентски оброк, односно во првата недела од секој тековен месец, а ќе се однесува на изминатиот месец, со цел да се провери статусот на студентот, односно дали истиот и натаму ги исполнува условите за користење на правото на субвенција, препорачана за купување здрава храна.
Потсетуваме и дека во тек е вториот рок од Јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк кој трае до 31 октомври и однесува на сите новозапишани студенти, но и на оние кои ги исполнуваат условите но не успеале да се пријават и да го остварат ова право во првиот рок.
Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и многу едноставно, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.
Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.
МОН обезбедува поддршка при аплицирањето за субвенциониран студентски оброк, преку Секторот за ученички и студентски стандард.
Публицитет.мк