Пред десетина дена започна и календарското лето кога температурите честопати ќе бидат 28° и повеќе , под сенка.Ова лето по многу нешта , заради пандемијата на корона вирусот, ќе биде поинакво од досегашните.Ќе ги нема вообичаените патувања кон најпознатите туристички места во блиската околина но и на оние поодалечените места кои ширум ги отвораа вратите за љубителите на летните авантури и откривањето на нови хоризонти.Барем, оваа година , повеќето ќе се сеќаваме на некои дамнешни времиња и дамнешни места каде некој бил или пак можеби планирал да биде.
Во тие места секако спаѓа и Монако кое е всушност држава во Западна Европа на брегот на Средоземното Море со 33000 жители. Овој град- држава е неизбежна дестинација при патувањто по Азурниот брег и многумина намерници можеби биле таму во летниот период кога температурата достигнува 28 степени под сенка.
А токму една таква песна која говори за летото во Монако беше голем музички хит од далечната 1978 година.Песната има наслов „ Монако 28° под сенка“а ја создал Жан – Франсоа Морис односно Жан Албертини , продуцент, уметнички директор и композитор кој пишувал за пејачите Кристоф, Жером и Мишел Тор.Работејќи со денови во студиото тој дошол до идеја да создаде некој летен музички хит кој би и’ го понудил на радиостаницата радио Монте Карло како една од најслушаните на средоземјето и пошироко.
Песната ја насловил како „ Монако 28° под сенка“. Оваа летна романтична љубовна балада која говори за една љубовна двојка предизвика вистински топлотен бран.
Музиката за овој летен хит е всушност обработка на италијанската песна „ Мексико“ на групата „ Сан Диего“а текстот го напишал заедно со својот најдобар пријател Дидиер Барбеливијан.
За преработката да биде комплетна тој одлучува како интерпретатор да го промени името од Жан Албертини во Жан – Франсоа Морис.
Песната стана вистински хит во 1978 година но и во 1982 година кога беше објавена повторно.Освен тоа таа стана една од најпопуларните и најизведувани композиции на француски јазик во светот особено на рускиот и азискиот пазар за кои Монако е сонувана дестинација.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк