Синодот на Македонската православна црква позитивно одговори на молбата од Црногорско-приморскиот митрополит Амфилохије и на 25 септември, Митрополитот Тимотеј ќе патува за Бар со честица од моштите на Свети Јован Владимир.
Откако биле запазени сите процедури на комуникација, МПЦ одлучила да покаже добра волја и дозволи честица од моштите на Свети Јован Владимир да бидат однесени за осветувањето на најголемиот храм на СПЦ во Црна Гора кој е посветен токму на овој светец.
Дека ќе патува за Бар за „Религија.мк“ потврди и Дебарско-кичевскиот митрополит г. Тимотеј.
-Митрополитот Амфилохије се обрати до нас, Синодот одобри, така што на 25 септември ќе бидам во Бар со честица од моштите на Свети Јован Владимир, вели Митрополитот г. Тимотеј.
Сепак, засега останува нејасно дали Амфилохије ќе додржи до принципите кои ги заговараше, а тоа е дека овој чин може да биде добар повод за обновување на релациите со МПЦ и нема да го покани Вранишковски на осветувањето на храмот. Во неговиот Кабинет не сакаат да зборуваат на оваа тема.
На почетокот од јули Амфилохије во ексклузивна изјава за „Религија.мк“ ги повика Владиците на МПЦ да присуствуваат на осветувањето на црквата во Бар и за тој чин да дадат мошти од Свети Јован Владимир, кои се чуваат во Охрид.
Амфилохије подоцна испрати и писмо до Митрополитот Тимотеј и до Синодот на МПЦ, во кое Архиепископот Стефан го ословуваше како „Блажењеши Архиепископ Охридски и Македонски“.
На осветувањето на црквата во Бар, ќе присуствува и Албанскиот Архиепископ Атанасиј, а најверојатно и Ерусалимскиот Патријарх Теофил.
Извор: www.religija.mk