Прославата по повод возобновувањето на култот на овој македоски светител, кој бил Архиепископ на славната Охридска Архиепископија ќе се одржи на 31 октомври во Охрид во катедралната црква Света Софија. Со светатат архиерејска литургија ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со уште неколкумина митрополити на МПЦ – ОА.
![Vnatresna stranafinal](images/Vnatresna_stranafinal.jpg)
Свети Константин Кавасила живеел и пастирствувал во Охридската Црква во тринаесеттиот век, и заради богољубивиот труд и неговите дела и подвизи, Бог го прославил, свртувајќи го во хорот на светителите. Култот на овој светител, заради разните политички и националистички констелации, карактеристични за овие простори а во тој контекст и негирањето на местото и значењето на Охридската Архиепископија, бил потиснуван до мера на заборавање. За значењето и величината на ликот и делото на овој светител ни сведочи и неговото претставување на фрески во Охридските Цркви: Света Богородица Перивлепта, Свети Јован Канео како и Црквата Мали Свети Врачи, каде што се претставува веднаш до Свети Климент Охридски – патронот на Охридската Архиепископија. Овој верен продолжувач на делото на Свети Климент бил почитуван и славен не само во рамките на Охридската Архиепископија туку неговиот култ се пренел дури и до Света Гора Атонска.
Наскоро, Македонската Православна Црква -Охридска Архиепископија, во организација на Дебарско-кичевската епархија, ќе организира прослава за возобновување на споменот на овој нам близок Охридски Светител, достоен продолжувач на делото на Свети Климент Охридски.
Публицитет.мк